ИСКРЕНА КОНСТАТАЦИЈА НА БУГАРСКИ НОВИНАР И ПИСАТЕЛ „Од сите соседи, најдобри односи имаме со – Црното Море“
Со добра волја на политичарите, можеме да престанеме да гледаме во историјата и да погледнеме напред, вели новинарот Енчо Господинов.
Доајенот на бугарското новинарство, дипломат и писател Енчо Господинов смета дека неговата земја треба да го смени односот кон соседите, обременет од историјата.
– Нашиот регион е многу сложен и, за голема жал, ќе кажам нешто што со што мои пријатели дипломати можеби не се согласуваат, но ние од сите наши шест соседи што ги имаме – пет држави и Црно Море – најпријателски односи имаме со Црното Море! Со сите други имаме сенки од историјата, имаме деликатни моменти. Дури и со Романија, и со Црна Гора, со кои сме во иста група во квалификациите за Европското првенство, имаме деликатни моменти за кои не сакаме да зборуваме често јавно. Да не зборуваме за односите со Србија и со Македонија – изјави Господинов за телевизијата Бугарија Он-ер.
Тој смеета дека тоа не мора да биде така, и дека работите можат лесно да се сменат на подобро.
– Со добра волја на политичарите, можеме да престанеме да гледаме во историјата и да погледнеме напред. Балканот треба да научи нешто повеќе, не може да се живее само со историјата – заклучи Господинов, кој е и претставник на Меѓународниот црвен крст во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
Енчо Господинов е познат новинар, дипломат и патеписец. Работел во легендарниот весник „Поглед“. Известувал од најжешките точки во светот, вклучително и од пет војни (во Виетнам, Авганистан, Никарагва и на Блискиот Исток), бројни меѓународни конфликти и значајни политички преговори (меѓу другото, меѓу Роналд Реган и Михаил Горбачов). Бил постојан претставник на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина при ОН, а потоа и нејзин заменик-генерален секретар.
Неговата претходна книга, „Сенката на шарениот коњ“, му донесе две награди од Сојузот на бугарските новинари и Сојузот на бугарските писатели.