НАД 13.000 АМАНДМАНИ ГО ПАУЗИРАА НОСЕЊЕТО НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Левица и СДСМ во обид да го блокираат законот
Претседателот на Комисијата за политички систем, Љупчо Пренџов, соопшти дека до почетокот на седницата бил доставен голем број амандмани, кои треба да бидат архивирани и преведени, поради што продолжението на седницата ќе биде закажано дополнително.
Собраниската процедура за усвојување на измените на Изборниот законик беше прекината брзо откако започна, поради над 13.000 амандмани поднесени од опозициските СДСМ и Левица.
Предложените измени на Изборниот законик, кои првично беа усогласени во меѓупартиската работна група во Министерството за правда, а потоа поднесени од пратениците на парламентарното мнозинство со поддршка и од опозициската ДУИ, се соочија со силен отпор од СДСМ.
Најголемиот спор останува предлогот за воведување електронско гласање на македонските државјани во странство.
И покрај обидите во изминатите два дена да се постигне компромис меѓу парламентарните партии, разговорите не дадоа резултат. По неуспешната средба на координаторите на пратеничките групи, Комисијата за политички систем ја почна постапката за разгледување на законските измени, но седницата веднаш беше прекината.
Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, соопшти дека до почетокот на седницата бил доставен голем број амандмани, кои треба да бидат архивирани и преведени, поради што продолжението на седницата ќе биде закажано дополнително.
Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, неговата партија поднела околу 10.000 амандмани.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека разговорите пропаднале поради несогласувањата околу гласањето на дијаспората.
– И покрај тоа што беа прифатени дел од забелешките на ДУИ и на Левица, а неколку спорни одредби беа повлечени, не успеавме да постигнеме договор со СДСМ за електронското гласање на дијаспората. Со тоа разговорите се завршени и реално е да се очекува блокада на законот, што значи дека следните избори би можеле да се одржат според постојниот Изборен законик – рече Мицевски.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска повика да се повлечат амандманите што не се однесуваат на гласањето на дијаспората, ветувајќи дека владејачкото мнозинство ќе ги прифати предлозите на СДСМ за останатите спорни прашања, како што се начинот на заокружување на гласачкото ливче и постапката за поднесување приговори.
– Предложете амандмани за тие прашања и веднаш ќе ги прифатиме. Повлечете ги останатите амандмани за да го донесеме Изборниот законик. Нашата дијаспора има право електронски да гласа на следните претседателски избори – порача Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја одби понудата, оценувајќи дека електронското гласање на дијаспората отвора сериозни ризици за злоупотреби и ја нарушува довербата во изборниот процес.
– Овој модел не е ниту европски, ниту демократски. Не знаеме колкав број гласачи би биле опфатени, а се отвора можност за контролирано гласање и злоупотреби, при што едно лице би можело да гласа во име на повеќе други – изјави Филипче.
Покрај СДСМ, против предложените измени се изјасни и Левица, која најави блокада доколку не се изменат одредбите што, според партијата, создаваат политичка дискриминација во финансирањето на партиите.