ТРИ ЕКСПЛОЗИИ ВО СОЛУН ПРЕД ДОМОВИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИ НА НОВА ДЕМОКРАТИЈА Мицотакис нема да толерира појава на нов тероризам

Премиерот  на Грција, Киријакос Мицотакис, кој ги посети повредените, рече дека Нова демократија во минатото го плати со крв домашниот тероризам, порачувајќи дека во никој случај нема да дозволат повторно да се појави.

398

Утрово во Солун се случија три координирани напади со импровизирани запаливи и експлозивни направи пред станбени згради каде живеат членови на владејачката партија Нова демократија и нејзини локални функционери.

Нападите се случија меѓу 4 и 4.45 часот на три различни локации во Солун. Експлозивнте направи биле изработени од камперски плински боци и запалив материјал.






Во првите два напада имаше само материјална штета, а во третиот напад, при кој се запалија автомобили и мотоцикли, се повредени 5 луѓе.

Меѓу повредените е и кандидатката за пратеник на владејачката партија Афродити Нестора, која се здобила со изгореници. Нејзината мајка е во критична состојба и е сместена на интензивна нега, додека уште тројца жители биле хоспитализирани поради вдишување чад.

Премиерот  на Грција, Киријакос Мицотакис отпатува во Солун за да ги посети повредените. Тој ги оцени нападите како „кукавички обид за убиство“, нагласувајќи дека политичкото насилство нема место во демократско општество.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите. Грчката полиција води истрага, а првичните информации укажуваат дека целта биле лица поврзани со владејачката партија Нова демократија.

Претходно, на состанок на пратеничката група на Нова демократија премиерот Мицотакис рече дека има „нулта толеранција за секаков облик на нов тероризам што би се појавил во Грција“. Тој изрази згрозеност и гнев за, како што рече, „кукавичкиот, терористички и убиствен напад“.

Порача дека Нова демократија во минатото го плати со крв домашниот тероризам, порачувајќи дека во никој случај нема да дозволат повторно појавување на такви појави.

– Испраќаме сосема јасна порака: ќе ве најдеме и ќе ве изведеме пред лицето на правдата. И ова, верувам дека е заложба не само на нашата партија, туку и на сите грчки граѓани кои сакаат нормален живот, без насилство и без вакви појави што во минатото ја повредија, не само нашата партија, туки и земјата – порача Мицотакис.

Експлозите се случија пред домовите на претседателот на Управниот комитет на Нова демократија во Солун, Зисис Јоакимовиц, на поранешниот пратеник од партијата Савас Анастасиадис и на партиската кандидатка Афродити Нестора.

Поврзани содржини