📽️ ПОПЛАВЕНИ УЛИЦИ И КОЛОНИ НИЗ СКОПЈЕ, АВТОМОБИЛ Е ЗАГЛАВЕН Градските служби целосно мобилизирани на терен

Бурата која го зафати Скопје поплави неколку фреквентни улици и го отежна движењето за возилата. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вели дека сите расположливи капацитети се ставени во функција, додека екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ и дека ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба.

1,036

Силно невреме проследено со пороен дожд попладнево го зафати Скопје, предизвикувајќи поплавени улици и отежнат сообраќај во повеќе делови од градот. На фотографии што граѓани ги објавуваат на социјалните мрежи може да се забележат целосно поплавена сообраќајница, каде возилата и мотоциклистите со тешкотии се движат низ надојдената вода.






Поради обилниот дожд, поплавена е улицата Јордан Мијалков во Центар, една од пофреквентните улици во овој дел од градот. Сообраќајот на оваа локација се одвива отежнато, поради што возачите треба да бидат внимателни и, доколку можат, да го избегнуваат овој потег.

Интензивните врнежи веднаш предизвикаа сериозни проблеми во одвивањето на сообраќајот на критичните точки низ Скопје. Возачите се соочуваат со огромни потешкотии при движењето, а на некои места сообраќајот е во целосен прекин. Во Чаир има кола заглавена во вода. Силното невреме ги поплави и улиците во скопксата населба Бутел.

Поплавена е и улицата зад стадионот.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека Кризниот штаб, заедно со екипите на јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен.

Фото: Принтскрин

Тој посочи дека градските служби се во постојана координација со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и останатите надлежни институции, со цел навремено да се реагира при евентуални поплави, штети или други последици од невремето.

Според Ѓорѓиевски, сите расположливи капацитети се ставени во функција, а екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба.

Воедно, тој упати апел до граѓаните да бидат внимателни, смирени и да соработуваат со надлежните служби, нагласувајќи дека, иако невремето не може да се спречи, со навремена и организирана реакција може да се намалат неговите последици.

Поврзани содржини