И ЗАГРЕБ MAKA MAЧИ СО ЛАЖНИ ЛЕКАРИ „Сестра“ Бугарка собрала 13.000 евра од пензионерки

Старици на возраст од 80 до 89 години останале без заштедите откако поверувале дека нивни блиски се тешко повредени и итно им треба операција. Полицијата во Загреб уапсила 57-годишна бугарска државјанка, осомничена дека била дел од добро организирана измамничка шема.

28

Тивка телефонска лага им ги испразнила заштедите на 3 пензионерки во Загреб, а штетата достигнала околу 13.000 евра. Хрватската полиција поднела кривична пријава против 57-годишна бугарска државјанка, осомничена дека заедно со непознат маж и со уште една непозната жена измамила жени на возраст од 80, 88 и 89 години.

Според истрагата, измамниците користеле добро позната шема. Мажот телефонски се претставувал како лекар. Во позадина, непозната жена глумела повреден член на семејството. Осомничената Бугарка потоа доаѓала на адресата на жртвите и ги подигала парите, претставувајќи се како медицинска сестра.






„Лекарот“ јавувал, „сестрата“ доаѓала по парите

Првиот случај бил регистриран на 26 јуни околу 21 часот во населбата Дубрава. Непознат маж телефонски контактирал 88-годишна жена и лажно ѝ се претставил како лекар.

– Член од вашето најблиско семејство е тешко повреден и итно му е потребна операција – ѝ кажал измамникот, според полициските наводи.

Убедена дека станува збор за вистинска медицинска итност, жената ги предала парите на осомничената Бугарка која дошла на нејзината адреса.

Следниот ден, на 27 јуни, по истиот модел била измамена и 80-годишна жена во населбата Суседград. Таа ги предала сите свои пари на жената која се претставувала како медицинска сестра.

Стариците поверувале, полицијата стигнала до хотелот

Измамничката група не застанала тука. На 29 јуни, по 14 часот, на ист начин била измамена и 89-годишна жителка на населбата Нови Загреб.

Истрагата брзо напредувала. Полицијата истиот ден ја лоцирала осомничената во хотел во населбата Трешњевка. Таа била уапсена, а кај неа бил пронајден поголем дел од украдените пари.

Хрватските власти ја сомничат за 3 кривични дела измама. Потрагата по другите 2 членови на групата продолжува.

Поврзани содржини