НАДЕЖ ЗА НАД 240 ПАЦИЕНТИ Законското решение за органодарителство е еден од најуспешните исчекори во здравството

Во Македонија во моментов 168 пациенти чекаат бубрег, 37 срце, 12 црн дроб и 23 рожници, бројки што го покажуваат значењето на новиот систем за органодарителство, смета министерот за здравство велејќи дека новото законско решение е голем и хуман исчекор.

37

Во моментот  168 пациенти во македонското здравство чекаат за бубрег, 37 пациенти  чекаат за срце, 12 за црн дроб и 23 за рожници. Затоа, според министерот за здравство, новото законско решение за органодарителство, е голем исчекор кон здравствениот систем во државата.

Алиу истакна дека се заокружува еден од најчовечките, најсмелите и најуспешно финализирани процеси водени во здравството.






– Со усвојувањето на измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, државата направи силен исчекор. Од тема што предолго живееше под превезот на страв и тема за која се зборуваше во болничките ходници, успеавме да создадеме тема за која се зборува јавно, одговорно и достоинствено. Органодарителството денес е тема на доверба, на лична волја, на солидарност и на зрелост на нашето општество – истакна Азир Алиу на прес-конференција, посветена на трансплантацијата.

Притоа додаде дека овој процес не започна во Собранието, ниту завршува со усвојувањето на законот.

– Тој започна со одлуката да излеземе пред јавноста. Со кампањата „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, со видеа од лекари и медицински тимови, со трибини, со јавни разговори и со пораки што ja објаснуваа хуманата димензија да се биде органодарител. Не сакавме граѓаните да слушаат само за процедури. Сакавме да разберат дека зад секоја трансплантација стојат човечки животи, семејства што чекаат и надеж што не смее да остане без системска поддршка – додаде тој.

Токму тоа, рече, го прават овие законски измени.

– Волјата на граѓанинот конечно добива јасно, видливо и заштитено место. Секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе може да се произнесе дали сака или не сака по смртта да биде органодарител. Таа волја ќе биде евидентирана во системот, а граѓанинот ќе може во секое време да ја промени. Со тоа, државата ќе добие појасна рамка, а граѓанинот поголема сигурност дека неговата одлука ќе биде почитувана – појасни министерот.

Пред да ја даде изјавата, избраниот лекар ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето на одлуката, за нејзините правни последици и за правото таа во секое време да може да се промени.

– Пристапот до овие податоци ќе биде строго ограничен, контролиран и евидентиран, што значи дека секој увид во системот ќе остава трага и ќе биде дозволен само за точно утврдени овластени лица. Дополнително, граѓанинот во секое време ќе може да ја промени својата одлука со нова изјава кај својот избран лекар, а важечка ќе биде секогаш последната евидентирана изјава – нагласи Алиу.

Функционирањето на овој нов систем ќе започне од 1 октомври 2026 година.

– Дотогаш, наша обврска е сè да биде безбедно и подготвено, и тоа како технички и институционално, така и комуникациски. Органодарителството не смее да биде оставено на недореченост, претпоставка или страв. Тоа мора да биде поткрепено со прецизна процедура и со сигурен систем – нагласи министерот.

Тој изрази благодарност до националниот координатор, проф. д-р Билјана Кузмановска, до трансплантациските тимови, до лекарите, медицинските сестри и до сите што застанаа во оваа кампања со професионалност и човечност. Но, најголемата почит останува за семејствата на дарителите. Во најтешкиот момент, истакна тој, тие избрале нивната болка да значи надеж за некој друг. Токму во тоа билa суштината на целиот овој процес.

– Изградивме доверба, поставивме систем и оставивме механизам што ќе создава нови шанси за живот – подвлече тој.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Кузмановска, рече дека до овие промени не дошло случајно и преку ноќ. На овие промени работеле сите заедно, партнерски.

– Едноставно овие промени се изнудија од состојбата на терен. Ние имавме многу обработени потенцијални донори, а ниска рата на согласности. Седнавме сите заедно од медицински аспект, од правен аспект, од хуман аспект, да ги размислиме причините за тоа и како можеме да се подобриме, како да се приближиме на системите коишто се поуспешни во трансплантација од нас, а ние секако целиме кон најдобрите. Дојдовме до заклучок дека треба да дојде до промени на законот за трансплантација и тука се издигнува индивидуата, се издигнува волјата на индивидуата – појасни таа.

Притоа додаде дека ова постои во многу земји коишто имаат поуспешни трансплантациски системи.

– Анализиравме зошто се поуспешни од нас. Не е до експертизата на докторите, не е до здравствениот систем, единствената варијабла којашто не зависи ниту од министер, ниту од координатор, ниту од доктори, е согласноста. И затоа решивме да ја ставиме индивидуата на прво место. Меѓутоа, нагласуваме дека органодарителството е доброволно, не смее да биде поинаку и секоја индивидуа има право да ги смени своите одлуки во текот на својот живот, и сето тоа да се почитува – нагласи Кузмановска.

На прес-конференцијата беше кажано дека целата процедура ќе мора да биде по тие стандарди коишто веќе се дефинирани и функционираат во светот.

Поврзани содржини