ЃОРЧЕСКА ИГРА ОДЛИЧЕН ТЕНИС Анисимова ја пофали македонската тенисерка по мечот на Вимблдон

Добив многу пораки за поддршка што ми значат сè на светот, играњето на овој голем терен со многу публика беше навистина неверојатно, изјави тенисерката Лина Ѓорческа, која со денешниот настап на славниот турнир испиша историја за македонскиот тенис.

232

Американската тенисерка, Аманда Анисимова, по победата над нашата Лина Ѓорческа во првото коло на Вимблдон, ја пофали конкурентката.

– Ѓорческа имаше неколку натпревари тука пред овој меч, таа игра одличен тенис. Јас сум среќна што се вратив тука по ланското финале и што се пласирав во второто коло. Работев напорно за овој турнир и сакам повторно да се покажам во одлично светло – рече Анисимова по мечот против Ѓорческа.






Анисимова без поголеми проблеми ја победи Ѓорческа, но нашата тенисерка имаше свои моменти во мечот и покажа дека не случајно се пласираше на главниот турнир на Вимблдон.

Ѓорческа со својот прв натпревар во кариерата на грен слем турнир испиша историја за македонскиот тенис. Таа е прва од Македонија која имаше настап во поединечна конкуренција на еден од четирите големи турнири, на кои претходно настап во двојки имаше Александар Китинов.

– Дури и ако не сакам да слушам пред натпреварот, тоа е насекаде. Во моментов нема многу работи што се случуваат дома, па ова беше навистина голема работа за сите нив. Добив многу пораки за поддршка што ми значат сè на светот. Играњето на овој голем терен со многу публика беше навистина неверојатно. Тоа е еден од најдобрите, ако не и најдобриот турнир, па затоа е навистина доживотно искуство. Исто така, да се игра против Аманда, финалистка и неверојатна тенисерка, тоа е навистина остварување на сон – изјави Ѓорческа за официјалниот сајт на Вимблдон.

Македонската тенисерка во квалификациите забележа три победи со што се пласираше на главниот турнир во кој денеска беше поразена од ланската финалистка на Вимблдон со 6-3 и 6-2.

Со пласманот во првото коло како тенисерка што ги минала квалификациите Ѓорческа ќе освои 40 поени со што при следното рангирање, по завршување на Вимблдон, ќе направи скок на ВТА ранг-листата и се очекува најде околу 200-то место.

ЛИНА ЗАГУБИ НА ВИМБЛДОН ОД АНИСИМОВА, НО НЕ РАЗОЧАРА Ѓорческа го испиша најголемиот успех во кариерата

Поврзани содржини