НОВ ИЗГЛЕД ЗА ПРОСТОРОТ ОКОЛУ МАНУ Ѓорѓиевски најави поддршка за уредување за домот на науката и уметноста
Просторот околу Македонската академија на науките и уметностите треба да добие поуреден и порепрезентативен изглед. Од Град Скопје најавија поддршка за уредување на околината на институцијата што претставува дом на науката и уметноста во земјата.
– Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски попладнево информираше дека Град Скопје ќе даде поддршка за уредување на просторот околу седиштето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Тој на својот Фејсбук профил наведе дека МАНУ е една од најзначајните институции во државата, дом на науката, уметноста и знаењето што, како што рече, ја движат државата напред.
– Заедно со претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов, извршивме обиколка на просторот околу седиштето на оваа значајна институција. Како Град Скопје, ќе дадеме поддршка во уредувањето на просторот, со цел овој дел да добие достоинствен, убав и репрезентативен изглед каков што ѝ прилега на институција од вакво национално значење – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот додаде дека институциите што го чуваат знаењето, идентитетот и културната меморија на државата, заслужуваат почит, грижа и вистинско внимание.