ВРАБОТУВАЊЕ ВО СУДОВИТЕ БЕЗ СОГЛАСНОСТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ Реформата донесе и бенефициран стаж за судската полиција
Законот за судска служба е едно од најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството, со кое се прави крупен чекор кон изградба на независно, професионално и ефикасно правосудство, соопшти Министерството за правда.
Собранието го донесе Законот за судска служба, едно од најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството, усогласен со Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024-2028, соопшти Министерството за правда.
Со донесувањето на Законот, додава Министерството, се надминуваат долгогодишните системски слабости на постојното законско решение и се создаваат услови за поефикасно функционирање на судовите, преку јасно препознавање на специфичната улога на судските службеници во судската власт.
„Најзначајната новина е издвојувањето на судските стручни службеници на начин што добиваат статус на посебни административни службеници, односно како посебна категорија вработени во судската власт со сопствен законски режим. Се воспоставува нов и пофункционален систем на класификација на работните места, преку дополнување на категориите, нивоата и звањата на судските службеници согласно реалните потреби на судовите, Со ова се надминуваат долгогодишните практични проблеми поврзани со несоодветната класификација на работните места преземена од системот на административни службеници“, се вели во соопштението.
Истовремено, се додава, се воспоставува нов систем на вработување и унапредување, специјално прилагоден на судската служба.
„Наместо примена на решенија преземени од општиот систем на административни службеници, се воведува посебна постапка која вклучува административна селекција, испит и интервју, со што се обезбедува избор на најквалитетни и најстручни кадри за потребите на судовите“, соопшти Правда.
Со новото законско решение значително се зајакнува и институционалната независност на судската власт, потенцира Министерството.
„Судскиот буџетски совет добива централна улога во кадровското планирање преку изготвување единствен годишен план за вработување, кој ќе се доставува до Министерството за финансии и Министерството за јавна администрација за увид и известување, без потреба од претходна согласност. Со тоа се намалува зависноста од извршната власт и се зацврстува кадровската автономија на судството“, се вели во соопштението.
Законот воведува и нов систем на плати, се додава, зголемувањата предвидени со колективните договори стануваат составен дел од основната плата, обезбедувајќи стабилен, предвидлив и правичен систем на вреднување на трудот на судските службеници.
„Истовремено, прецизно се уредува статусот на судската полиција, чии припадници добиваат бенифициран работен стаж, како и статусот на останатите категории вработени во судовите, со јасно дефинирани права, обврски и одговорности. Посебно се унапредува и институцијата судски администратор. За првпат се воспоставува вистински кариерен систем кој овозможува напредување на искусни и стручни судски службеници до оваа функција, врз основа на јасно утврдени критериуми. Воедно, судскиот администратор станува дел од системот на дисциплинска одговорност, со што дополнително се зајакнуваат интегритетот, отчетноста и професионалноста во судската служба“, се вели во соопштението.
Со донесувањето на Законот за судска служба се реализира уште една значајна обврска од Реформската агенда и се прави крупен чекор кон изградба на независно, професионално и ефикасно правосудство, соопшти Министерството за правда.