ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ, РИБАТА ЗАЈАК ПРВ ПАТ СЕ ПОЈАВИЛА ВО СОЛУНСКИОТ ЗАЛИВ Засега ја нема во Северна Грција, но може да ни дојде „на гости“

Постои можноста во овој дел од северниот Егеј веќе да се формирале локални популации на оваа инвазивна риба. За среќа, засега нема извештаи за нејзина појава во летувалиштата популарни за Македонците. Сепак, забележана е на плажите на полуостровот Евија.

337

Најновите научни истражувања откриваат интересен, но и важен податок за македонските туристи кои летуваат во Северна Грција. Токсичната риба зајак (Lagocephalus sceleratus), која последниве недели предизвикува големо внимание во грчките медиуми, првпат била научно регистрирана во Солунскиот, односно Термајскиот Залив уште пред неколку години.

Уште позначајно е што подоцнежните истражувања покажуваат дека таму не станува збор за случаен улов, туку за повеќе единки, што упатува на можноста во овој дел од северниот Егеј веќе да се формирале локални популации на оваа инвазивна риба. Сепак, деталната проверка на најновите научни трудови, официјални извештаи и локални информации покажува дека во последните два месеца нема потврдени нови случаи на појава на рибата зајак во туристичките места каде традиционално летуваат македонски туристи.






Такви случаи не се регистрирани во Халкидики, на Олимписката Ривиера (Паралија, Лептокарија и Платамонас), ниту во Кавала, Тасос и Волос. Тоа, меѓутоа, не значи дека опасност не постои. Научниците предупредуваат дека видот постепено продолжува да се шири кон северниот дел на Егејското Море, а климатските промени и затоплувањето на морето создаваат сè поповолни услови за негово трајно населување.

Поради тоа, не е исклучено рибата во иднина почесто да се појавува и во туристичките региони што им се најблиски на македонските туристи. Најголема концентрација на рибата зајак и натаму има во јужниот и југоисточниот дел на Егејското Море, околу Крит, Додеканезите и источниот Медитеран. Токму таму рибарите со години предупредуваат дека овој вид предизвикува огромни штети, ги кине рибарските мрежи, го уништува уловот и ја нарушува локалната морска екологија.

Нема нови официјално потврдени регистрации во последните два месеца во Халкидики, Олимписката Ривиера, Кавала и Тасос, но локални снимки и медиумски објави покажуваат дека рибата веќе се појавува и на Евија, што ја потврдува тенденцијата на ширење кон север.


Грчките власти веќе неколку години спроведуваат програми за ограничување на бројноста на оваа риба. На професионалните рибари им се исплаќа надомест за секој примерок што ќе го уловат и предадат, со цел да се намали нејзината популација. Во акциите учествуваат научни институции, локални власти и рибарски здруженија. Рибата зајак се смета за еден од најопасните инвазивни морски видови во Медитеранот. Потекнува од Индискиот Океан и во Средоземното Море навлегла преку Суецкиот Канал.

Од првите забележани примероци во источниот Медитеран, за релативно кратко време се проширила речиси низ целиот источен дел на морето. Најголемата опасност е што оваа риба содржи тетродотоксин – еден од најсилните природни невротоксини. Отровот не се уништува со термичка обработка, па консумирањето на рибата може да предизвика тешко труење, парализа, па дури и смрт.

Затоа грчките власти строго препорачуваат никој да не ја јаде, дури и ако изгледа свежо уловена. Иако нападите врз капачи се исклучително ретки, рибата има многу силни заби со кои лесно ги крши школките, па може да нанесе сериозни повреди доколку човек се обиде да ја фати. Во минатото се регистрирани случаи на каснувања на рибари и на лица кои се обиделе да ја извадат од мрежа или јадица.

Доколку туристите забележат ваква риба во плитките води, препораката е да не се обидуваат да ја допираат или да ја фаќаат. Најдобро е да ја фотографираат од безбедно растојание и да ги известат локалните рибари или пристанишните власти, кои потоа можат да ја евидентираат појавата.

Иако моментално нема причина за паника за оние што летуваат во Халкидики, Тасос, Кавала или на Олимписката Ривиера, експертите предупредуваат дека ширењето на рибата зајак продолжува. Токму затоа нејзината појава во Солунскиот Залив заслужува внимание – не затоа што претставува непосредна опасност за туристите, туку затоа што покажува дека инвазивниот вид веќе стигнал многу поблиску до најпосетуваните грчки летувалишта отколку што многумина претпоставуваат.

Поврзани содржини