📽️ МИНИСТЕРКА ДОЈДЕ СО БЕБЕ НА ЕУ СОСТАНОК Тримесечниот Адам дел од климатските преговори

Шведската министерка Ромина Пурмохтари го донесе своето тримесечно бебе на состанок на ЕУ во Луксембург, испраќајќи порака за родителско отсуство и баланс меѓу кариера и семејство.

55

Необична сцена се случи на состанокот на министрите за клима и животна средина на Европската Унија во Луксембург, кога шведската министерка Ромина Пурмохтари на преговарачката маса го донесе своето тримесечно бебе, предизвикувајќи изненадување, но и позитивни реакции меѓу учесниците.

Министрите од земјите членки на ЕУ беа собраа на долготрајна дебата за климатските политики, кога присуството на малото бебе Адам, син на шведската министерка, стана главна тема на денот.






Пурмохтари објасни дека нејзината намера била да покаже дека жените не мора да избираат меѓу професионалната кариера и семејството, благодарение на поддржувачките политики за родителско отсуство во Шведска.

– Сакав со пример да покажам дека не мора да избирате. За што секако е потребен партнер кој не е диносаурус, туку некој модерен и подготвен да оди со вас – изјави таа за Ројтерс.

Претставник на Советот на ЕУ потврди дека ова е прв познат случај бебе да присуствува на состанок на министри на Унијата.

Пурмохтари (30) е една од најмладите министерки во Шведска и ја презеде функцијата во 2022 година. Таа неодамна се врати од родителско отсуство, додека нејзиниот сопруг е исто така на отсуство и патувал со неа во Луксембург за да се грижи за детето.

Шведска важи за една од земјите со најдарежливи политики за родителско отсуство во светот, со околу 16 месеци платено отсуство, од кои 90 дена се резервирани за секој родител и не се преносливи.

Овие мерки, познати како „месеци на таткото“, имаат цел да поттикнат поголема рамноправност во грижата за децата и поактивно учество на татковците.

Министерката порача дека ваквите политики овозможуваат подобра рамнотежа меѓу работата и семејниот живот, и повика другите земји да размислат за пофлексибилни решенија.

– Тоа создава многу вредност што не е секогаш економска, но на крајот влијае и економски, бидејќи не дозволуваме луѓето да прегоруваат – додаде таа.

Заменик-министерот за клима на Полска, Кшиштоф Болеста, исто така го поздрави присуството на бебето, истакнувајќи дека тоа не претставува проблем, туку дел од реалниот живот.

Поврзани содржини