ОД „СЛЕТУВААТ САМО ПТИЦИ“ ДО ВИСТИНСКИ БУМ Николоски најави рекордни 3,5 милиони патници на аеродромите
Бројот на патници на аеродромите во Скопје и Охрид продолжува да расте, а Владата најавува нови инфраструктурни проекти и рекорден туристички развој.
Бројот на патници на аеродромите во Скопје и Охрид континуирано расте и оваа година се очекува да надмине 3,5 милиони, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на седницата за пратенички прашања во Собранието.
Тој истакна дека пред неколку години било успех кога бројот достигнал два милиони патници, додека минатата година, како што рече, на двата аеродрома е надмината бројката од три милиони патници.
– Очекувам оваа година бројот да биде над 3,5 милиони патници – рече Николоски, одговарајќи на прашање од пратеничката Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот нагласи дека скопскиот аеродром бележи најголем поединечен раст во Европа во својата категорија и е лидер меѓу средните аеродроми, додека охридскиот аеродром го подобрува својот пласман во категоријата мали туристички аеродроми.
Тој додаде дека владините политики се насочени кон развој на инфраструктурата, која директно влијае врз растот на туризмот, при што се зголемува бројот на авиолинии и редовни и чартер летови.
– Тоа резултира со околу 20 проценти раст на туризмот. Сепак, сериозен предизвик остануваат сместувачките капацитети и потребата од повеќе легла – истакна Николоски.
Тој се осврна и на инфраструктурното поврзување на аеродромите, посочувајќи дека скопскиот аеродром сега е поврзан и од источната и од западната страна со автопатска или експресна мрежа.
– Работиме на урбанистичко и идејно решение за железничко поврзување на аеродромот, кое ќе завршува пред терминалната зграда и ќе овозможи полесна комуникација со центарот на Скопје – додаде министерот.
Во однос на охридскиот аеродром, Николоски потсети дека порано се зборувало дека таму „слетуваат само птици“, додека денес има 13 редовни дестинации и осум чартер линии.
Тој најави дека се работи на целосна реконструкција на аеродромот и очекува во следните два до три месеци да завршат сите процедури и да бидат издадени дозволите за користење на новата терминална зграда.