РЕАКЦИЈА НА ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА Уставниот суд ја потврдува улогата на државата во игрите на среќа

Државна лотарија на Македонија со реакција за Предлог-законот за игрите на среќа. Од институцијата се повикуваат на решение на Уставниот суд и велат дека државата има легитимна улога во организирањето на интернет игрите на среќа.

124

Државна лотарија на Македонија реагираше во врска со јавните дебати околу Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, посочувајќи дека постојната уставно-судска практика ја потврдува посебната улога на државата во организирањето и регулирањето на игрите на среќа.

Во реакцијата се наведува дека генералниот директор на Државна лотарија, проф. д-р Александар Климовски, на јавната дебата за Предлог-законот правно и аргументирано ја застапувал позицијата дека државата треба да биде единствен приредувач на интернет игрите на среќа.






Од Државна лотарија се повикуваат на Решението У. бр. 156/2019 од 6 мај 2020 година на Уставниот суд, со кое не е поведена постапка за оценка на уставноста на член 7 ставови 2 и 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

„Недвосмислено се потврдува уставната оправданост на новото предлог-законско решение, со кое државата задржува посебни права и надлежности во сферата на приредувањето игри на среќа“, се наведува во реакцијата.

Според Државна лотарија, во своето образложение Уставниот суд оценил дека определбата на законодавецот за задржување на правото за приредување одредени игри на среќа кај државата претставува легитимна законодавна политика заснована на јавен интерес.

„Судот особено ги истакнува видот и карактерот на игрите на среќа, нивната масовна достапност, обемот и сложеноста на нивното организирање, како и потребата од засилена контрола, надзор и заштита на јавниот интерес“, велат од Државна лотарија.

Во реакцијата се посочува дека Уставниот суд утврдил оти ваквото законско решение не е спротивно на член 55 од Уставот и не ги повредува принципите на слободен пазар и претприемништво.

Од Државна лотарија нагласуваат дека постапувањето на генералниот директор било во целосна согласност со важечката законска рамка и со веќе утврдените правни ставови на Уставниот суд.

„Постапувањето на генералниот директор на Државна лотарија не било ниту произволно, ниту надвор од законската рамка, туку претставувало доследно следење на важечките законски решенија и на правните ставови веќе потврдени од највисоката уставно-судска инстанца“, се наведува во реакцијата.

Оттаму додаваат дека уредувањето на пазарот на игрите на среќа е прашање на законодавна политика на државата, при што законодавецот има право да одлучува за обемот, начинот и условите под кои ќе се организираат поединечни видови игри на среќа.

„Од уставно-правен аспект, произлегува дека државата има легитимно право да утврдува дали, под кои услови и во кој обем ќе биде дозволено организирањето на интернет игрите на среќа, имајќи ја предвид својата одговорност за заштита на јавниот интерес, спречување на злоупотреби и обезбедување ефективен надзор над оваа дејност“, стои во реакцијата.

Во завршниот дел од соопштението, Државна лотарија оценува дека секој обид постапувањето на генералниот директор да се прикаже како незаконско или спротивно на уставните принципи е во спротивност со веќе утврдените правни ставови на Уставниот суд.

„Основано може да се заклучи дека генералниот директор на Државна лотарија постапувал совесно, законито и во согласност со уставно-судската практика, имајќи ја предвид својата обврска да го штити јавниот интерес и да обезбеди доследна примена на законската рамка во областа на игрите на среќа“, наведуваат од институцијата.

Во реакцијата се поставува и прашањето дали непознавањето на законската и уставно-судската практика од страна на АПИС и АСОМ, кои според Државна лотарија дејствуваат во име и за сметка на приватните приредувачи на игри на среќа, е намерна или ненамерна грешка.

Поврзани содржини