🎥 РУСКИ ДРОН ПОГОДИ ТУРСКИ ЦИВИЛЕН БРОД ПОД ПАНАМСКО ЗНАМЕ Загина 58-годишен готвач

Украинските власти го осудија инцидентот во Црното Море, нарекувајќи го намерен напад врз цивилниот поморски сообраќај и кршење на меѓународното право и ја обвинија Русија за загрозување на глобалните бродски линии и на пристанишната инфраструктура.

66

Во напад со руски дрон рано утрово беше погоден цивилен товарен брод што пловел кон украинско пристаниште, при што загина еден член на екипажот, двајца се повредени, а на бродот избувна пожар, објавија украинските власти.

Украинската морнарица и Украинската управа за морски пристаништа (USPA) објавија дека станува збор за турскиот товарен брод VICTRESS, кој пловел под панамско знаме.






Нападот се случил во Црното Море, по што избувнал пожар на бродот, што предизвикал значителна штета.

Поморските сили на Украина почнаа спасувачка операција и го евакуираа екипажот на сплав за спасување. Во нападот загина 58-годишен готвач.

„За жал, членот на екипажот почина. Изразуваме најдлабоко сочувство до неговото семејство и до најблиските. Останатите 8 морнари беа евакуирани на сплав за спасување“, се вели во соопштението на USPA.

Украинските власти го осудија инцидентот, нарекувајќи го намерен напад врз цивилниот поморски сообраќај и кршење на меѓународното право. Тие ја обвинија Русија за загрозување на глобалните бродски линии и на пристанишната инфраструктура.

Според Киев, Русија извела бран напади со беспилотни летала на 19 јуни, во кои беа погодени два цивилни брода во Црно Море.

– Во напад со руски беспилотни летала врз цивилни бродови во Црното Море загина еден член на екипажот на брод под панамско знаме. Двајца морнари се повредени, од кои едниот е во критична состојба – изјави украинскиот вицепремиер Олексиј Кулеба.

Тој објави дека бил погоден и друг брод, кој пловел под знамето на Свети Китс и Невис, при што тројца членови на екипажот добиле полесни повреди.

Кулеба ги опиша инцидентите како дел од поширок напад врз поморската трговија и глобалната безбедност на храната, предупредувајќи дека цивилните екипажи и извозните правци остануваат под закана.

Украинските регионални власти подоцна соопштија дека пристанишните операции продолжуваат, но со засилени безбедносни мерки.

Поврзани содржини