МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН ЈА УБИЛ ГРКИНКАТА ВО ЧИЈ СТАН ЖИВЕЕЛ Го закопал телото и давал изјави за медиумите
Телото на исчезнатата жена на Крит е пронајдено утрово, а 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит, го признал убиството во полицијата.
Македонски државјанин е главниот осомничен и го признал убиство на 45-годишна жена, сопственичка на станот во кој бил потстанар, во близина на Ханија на грчкиот остров Крит. Жената беше пријавена за исчезната на 30 мај, а нејзиното тело е пронајдено утрово, јавија грчките медиуми.
За исчезнувањето на жената од селото Агиа кај Ханија, 45-годишната Ставрула Левендаки, на почетокот на месецов беше издаден „missing alert“, а потстанарот во нејзината куќа бил и последниот кој ја видел пред да ѝ се изгуби секаква трага.
Токму затоа уште од самиот почеток тој се најде во фокусот на полицијата – беше повикан да даде исказ, но негирал секаква поврзаност со исчезнувањето на жената.
Македонскиот државјанин во петокот беше уапсен за поседување и за одгледување дрога, а за време на испрашувањето во полициската станица за случајот со исчезнатата го признал убиството и на полицајците им го посочил местото каде што го закопал телото.
Околу причините за убиството, наводно рекол дека со сопственичката се скарале за состојбата во станот.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, станува збор за 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит и нема криминално досие.
Во станот на исчезнатата живеел неколку години. Во првичните искази пред полицијата, веднаш по исчезнувањето, рекол дека на 30 мај, сопственичката го посетила за да ги земе парите за киријата, по што си заминала.
Полицијата спроведе истрага и во станот и во трите возила на македонскиот државјанин. Иако биле темелно исчистени, биле пронајдени остатоци од крв во станот и во едно од возилата.
Станува збор за случај што во изминатата седмица беше една од главните теми во Грција, со оглед на тоа што сторителот, иако беше еден од главните осомничени, не само што при исказите пред полицијата негирал каква било поврзаност, туку и даваше изјави за медиумите, пренесувајќи ги неговите ставови и префрлајќи ја вината врз други.