📽️ КЛУБОТ НА БЕКАМ МУ ЈА ДОВЕРИ КЛУПАТА НА МАКЕДОНЕЦ Чкламовски најави офанзивен фудбал и големи амбиции

Австралискиот тренер со македонско потекло Питер Чкламовски е назначен за нов менаџер на Салфорд Сити, клуб во сопственост на Дејвид Бекам и легендите на Манчестер Јунајтед.

118

Австралискиот стратег со македонско потекло, Питер Чкламовски, е назначен за нов менаџер на англискиот клуб Салфорд Сити, тим во кој сопственици се легендите на Манчестер Јунајтед предводени од Дејвид Бекам и Гери Невил.

Чкламовски, кој е роден во Австралија, но има македонски корени, пристигнува во Салфорд по ангажманот како селектор на Малезија, а зад себе има богато искуство и во јапонскиот и австралискиот фудбал. Во кариерата работеше и како близок соработник на познатиот тренер Анге Постекоглу.






Салфорд Сити настапува во англиската Лига Два, а клубот во последните години привлече големо внимание поради сопственичката структура во која се поранешните ѕвезди на Манчестер Јунајтед – Дејвид Бекам, Гери Невил, Пол Сколс, Рајан Гигс, Ники Бат и Фил Невил.

По потпишувањето на договорот, 47-годишниот Чкламовски порача дека пред него стои голем предизвик.

– Тука сум затоа што добив можност да направам нешто посебно. Сопствениците имаат високи амбиции, а клубот има големи цели и тоа целосно се совпаѓа со мојот начин на размислување – изјави Чкламовски.

Тој најави дека неговиот тим ќе игра офанзивен и атрактивен фудбал.

– Сакаме да изградиме менталитет во кој ќе се бориме за секоја топка со страст, дисциплина и посветеност. Ќе бидеме храбри, ќе ја бараме топката, ќе напаѓаме и ќе постигнуваме голови. Сакам навивачите да скокаат од своите седишта и да уживаат во фудбалот што ќе го играме – истакна новиот тренер.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Salford City FC (@salfordcityfc)

Поддршка за изборот на Чкламовски даде и легендарниот Пол Сколс, кој е главен фудбалски советник во клубот.

– Питер носи стил на игра каков што сакаме да гледаме – возбудлив и напаѓачки фудбал. Но, не станува збор само за постигнување голови. Тој е опседнат и со дефанзивната дисциплина. Сака неговите тимови да бидат немилосрдни и да имаат јасен идентитет, а токму тоа сакаме да го донесеме во Салфорд – рече Сколс.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Salford City FC (@salfordcityfc)

Доаѓањето на Чкламовски се смета за важен чекор во амбициозниот проект на Салфорд Сити, клуб кој по преземањето од Бекам и останатите легенди на Манчестер Јунајтед има јасна цел – напредок кон повисоките рангови на англискиот фудбал.

Поврзани содржини