УРЕДНИ БРАДИ И УРЕДНИ ТЕТОВАЖИ ВО УНИФОРМА Полицијата се усогласува со праксата во европските држави
По барање на полицискиот синдикат, МВР дозволи уредни бради и одредени видови тетоважи, со услов да не го нарушуваат професионалниот изглед на службениците.
По барање на полицискиот синдикат, МВР дозволи уредни бради и одредени видови тетоважи, со услов да не го нарушуваат професионалниот изглед на службениците.
Полицајците во Македонија повеќе нема да мора задолжително да бидат избричени. Со измените на правилникот на МВР, униформираните службеници добија дозвола да носат уредни бради и одредени видови тетоважи, под услов да не го нарушуваат професионалниот изглед и угледот на службата.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека измените биле направени по предлог на Гранскиот независен синдикат на полицијата, кој побарал усогласување со практиките што веќе се применуваат во повеќе европски држави.
„По разгледување на доставениот предлог, истиот беше прифатен. На полициските службеници кои носат униформа им се дозволува да носат брада, но исклучиво доколку истата е кратка, уредна и редовно одржувана“, соопштија од МВР.
Брадата мора да биде уредна
Според новите правила, полицискиот службеник и натаму мора да биде уредно потстрижен. Доколку носи брада, таа треба да биде кратко и рамномерно потстрижена, со јасно дефинирани контури на образите и вратот.
Брадата не смее да го нарушува службениот изглед, ниту да ја попречува употребата на службената опрема, вклучително и заштитната маска.
Мустаќите, пак, не смеат да ја надминуваат линијата на горната усна.
Дозволени се и тетоважи
Измените носат новини и за тетоважите кај униформираните службеници.
Тетоважи ќе бидат дозволени на горните екстремитети, доколку не содржат навредлива, расистичка или вулгарна содржина што би можела да предизвика вознемиреност кај граѓаните или да го наруши угледот на Министерството.
На останатите видливи делови од телото и натаму ќе важат ограничувања.
Синдикатот ја поздрави одлуката
Од Независниот синдикат на полицијата ја поздравија одлуката, оценувајќи ја како чекор кон модернизација на полициската служба.
„Еден можеби мал чекор за Министерството и синдикатот, но многу значаен во насока на подготвеноста за спроведување реформи и слух за потребите на колегите“, соопштија од синдикатот.
Оттаму потсетуваат дека истовремено е прифатено и барањето за укинување на забраната за користење мобилни телефони за дел од полициските служби.
Новите правила веќе се во сила и претставуваат дел од пошироките промени насочени кон модернизирање на условите за работа во полицијата.