НОВ ПРЕСВРТ ВО ОДНОСИТЕ СО УКРАИНА Унгарците во Закарпатија добиваат гаранции, тврди Маѓар

Премиерот Маѓар тврди дека Киев се обврзал да ги гарантира правата на унгарското малцинство во Закарпатија, а договорот ќе биде дел од европскиот акциски план на Украина.

130

Унгарскиот премиер, Петер Маѓар, изјави дека Будимпешта и Киев официјално постигнале договор за образовните, културните и јазичните права на Унгарците во украинскиот пограничен регион Закарпатија, објави унгарската агенција МТИ.

Маѓар на Фејсбук објави дека украинската страна се согласила сите точки од договорот да ги внесе во официјален протокол и да ги вклучи во Акцискиот план на Украина за етничките малцинства во рамки на процесот за пристапување во Европската Унија.






– За неколку недели успеавме да решиме проблем што владата на Виктор Орбан не можеше да го реши десет години – напиша Маѓар.

Во видеопорака објавена на социјалните мрежи, тој оцени дека договорот претставува „уште еден огромен чекор кон гарантирањето на јазичните, образовните, културните и политичките права на Закарпатските Унгарци“.

Според него, договорот кој претходно бил усогласен на експертско ниво, сега добил и политичка потврда.

Маѓар истакна дека вклучувањето на договорот во Акцискиот план на Украина значи дека исполнувањето на обврските кон унгарското малцинство ќе биде предмет на мониторинг од страна на Европската комисија и Европскиот совет.

Тој предупреди дека доколку Украина не ги исполни преземените обврски, тоа би можело да влијае врз нејзиниот пристапен процес кон Европската Унија.

Маѓар додаде дека, имајќи ги предвид преземените обврски од украинска страна, Унгарија дала согласност за отворање на првиот кластер во преговорите за членство на Украина во ЕУ на 15 јуни, но потенцираше дека тоа е „само првиот чекор во долг и сложен процес“.

Според различни проценки, околу 150.000 етнички Унгарци живеат во Закарпатската област во западна Украина, во близина на границата со Унгарија.

Поврзани содржини