📽️ РОНАЛДО ПРОМАШУВАШЕ, КОНСЕИСАО ПРЕСУДИ Португалија со победа ја затвори генералната проба пред Мундијалот

Португалија ја совлада Нигерија со 2-1 и покрај тоа што Кристијано Роналдо не успеа да се запише меѓу стрелците. Англија, пак, беше убедлива против Костарика и со победа од 3-0 испрати јасна порака пред стартот на Светското првенство.

158

Португалија и Англија со победи ги заокружија последните проверки пред почетокот на Светското првенство и покажаа дека во добро расположение го чекаат најголемиот фудбалски спектакл.

Португалците ја совладаа Нигерија со 2-1 во натпревар во кој имаа повеќе од играта и создадоа поголем број шанси. Педро Нето го отвори резултатот во 23. минута и донесе предност за европската селекција. Нигерија возврати преку Акор Адамс во 37. минута и на одмор се замина со израмнет резултат.






Продолжението донесе нов притисок од Португалија. Тимот создаваше шанси пред противничкиот гол, а наградата пристигна во 75. минута. Франциско Консеисао ја затресе мрежата и ги постави конечните 2-1.

Кристијано Роналдо беше стартер и играше до 65. минута. Искусниот капитен неколкупати се најде во добра позиција, но не успеа да го совлада нигерискиот голман.

„Трите лава“ напаѓаа и доминираа

Англија, пак, остави уште посилен впечаток на последниот тест пред Мундијалот. Избраниците на Томас Тухел ја совладаа Костарика со убедливи 3-0 и во текот на целиот натпревар ја контролираа играта.

Средбата во Орландо почна со едночасовно задоцнување поради невреме, но тоа не го наруши ритамот на Англичаните. Деклан Рајс погоди уште во 10. минута по добро проигрување од Ентони Гордон и ја најави доминацијата на својот тим.

До крајот на првиот дел Хари Кејн, Џуд Белингам и Нони Мадуеке создадоа неколку опасни ситуации, но резултатот остана непроменет.

Свежите сили влегоа и удрија силно

Во второто полувреме Англија продолжи со истото темпо. По еден час игра Еберечи Езе изнуди пенал, а Гордон сигурно реализираше за 2-0.

Конечниот резултат беше поставен во 87. минута. Морган Роџерс учествуваше во акцијата, а по одбраната на резервниот голман на Костарика, Оли Воткинс најдобро се снајде и со удар со глава ја испрати топката во мрежата.

За Англија ова беше најефикасниот настап во 2026 година. Тимот на Тухел така доби дополнителна самодоверба пред премиерниот мундијалски дуел против Хрватска, додека Португалија покажа дека и без гол од Роналдо има доволно оружја за висок дострел на турнирот.

Поврзани содржини