„НЕМА ПОВЕЌЕ ОТСТАПКИ БЕЗ РЕЗУЛТАТИ“ Муцунски вели дека владата води тврда линија во надворешната политика

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека државата повеќе нема да прифаќа отстапки без конкретни резултати во евроинтеграциите.

182

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на собраниската седница за пратенички прашања изјави дека Владата води, како што рече, кредибилна и одговорна надворешна политика насочена кон заштита на националните интереси, достоинството на државата и стратешките цели.

Одговарајќи на прашања за евроинтеграциите, Муцунски порача дека државата повеќе нема да прифаќа отстапки кои не носат конкретни резултати.






– Нема повеќе отстапки и попустливост што не вродуваат со резултати – истакна министерот.

Тој оцени дека барањето за дополнителни гаранции во европскиот процес е оправдано и разумно, посочувајќи дека вакви ставови биле изнесени и од повеќе европски лидери, меѓу кои хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и белгискиот министер за надворешни работи.

Муцунски нагласи дека не е точно дека од државата се бараат исклучиво уставни измени, оценувајќи дека проблемот е подлабок и произлегува од одлуките донесени во 2022 година.

Министерот додаде дека и покрај предизвиците, државата постигнала видливи резултати на меѓународен план, меѓу кои и потпишување на Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија – прво вакво во регионот.

Тој ги посочи и стратешките договори со Обединетото Кралство, Унгарија и Хрватска, за кои рече дека придонесуваат за зајакнување на меѓународната позиција и економскиот развој на државата.

Муцунски нагласи и дека државата била прва во Европа што воспоставила стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави во Вашингтон.

Во делот на европските реформи, тој посочи дека земјата е прва во регионот по искористување на средства од Планот за раст на Европската Унија, што, според него, покажува сериозен реформски капацитет.

– Водиме кредибилна надворешна политика, но и политика што го штити националното достоинство и интереси – порача Муцунски.

Поврзани содржини