📷 НЕМА ВЕЌЕ ДА ИМА ГЛОДАРИ, ИНСЕКТИ, НЕИСПРАВНИ ТОАЛЕТИ, БОЈЛЕРИ, ПРОЗОРИ… Домовите „Стив“ и „Кузман“ ќе светнат за следната академска година

За реконструкција на вкупно 9 студентски домови обезбедени се околу 50 милиони евра, од кои, околу 10 милиони евра неповратни грантови, од Европската Унија, Германската развојна банка и Фондот за инвестиции на Западен Балкан.

138

Државните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје се првите два кои сегашната Влада целосно ќе ги реновира и пушти во употреба на стартот на новата академска година. Работите се одвиваат паралелно и ќе завршат во јули, но потоа ќе следи опремување на собите и сите други простории – информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на студентскиот дом во Автокоманда.

– Условите ќе бидат модерни, по високи европски стандарди за сместување, но и за енергетска ефикасност. Сигурна сум дека студентите ќе уживаат во престојот. Нема да има бркање глодари и инсекти, нема да има промаја, лепени прозорци и неисправни тоалети и бојлери. Дополнително за сето тоа да се одржува и трае, го менуваме и моделот на финансирање. Се разбира, чувањето на објектите и одржувањето на опремата зависи и од самите студенти – рече Јаневска.






Таа додаде дека се обезбедени пари за реконструктивни активности во другите 7 државни студентски домови, за што се заблагодари на Европската Унија, Германската развојна банка и Фондот за инвестиции на Западен Балкан. Станува збор за вкупен буџет од околу 50 милиони евра, од кои, над 10 милиони се неповратни грантови.

Јаневска посочи дека во период од две години проширен е опфатот на субвенционираниот студентски оброк, доделени се ваучери за ИТ уреди, обезбеден е континуитет на бесплатниот градски превоз во Скопје, дигитализирани се сите постапки за аплицирање за студентските права.

– Повторно ќе имаме 3.000 стипендии во новата академска година, а дури ќе понудиме и нова категорија – за прв пат за студенти со попреченост и ретки болести, со што ќе одговориме на барањата на нивните здруженија и политиките на стипендирање ќе стануат поинклузивни и во согласност со барањата на ЕУ – истакна Јаневска.

Фото: МОН

Поврзани содржини