НЕ Е ЧУДО ШТО 5 КВАРТАЛИ ПО РЕД ЕКОНОМИЈАТА БЕЛЕЖИ РАСТ Реализацијата на проектите може да се следи во реално време

Актуелната власт успеала да го сопре падот на државата преку сериозна реализација на капитални проекти, тврди пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски. Според него, Македонија веќе 5 квартали по ред бележи економски раст. Тој истакнува дека граѓаните имаат можност транспарентно да ја следат реализацијата на проектите.

97

Актуелната власт успеала да го запре, како што рече, „падот на државата“ и веќе ги дава првите резултати преку реализација на капитални проекти, истакна во „За или против“ на Алфа Телевизија, Тони Јаревски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Јаревски, за разлика од времето на СДСМ сведоци сме на една динамика на реализација на проектите и не е ни чудо што последователно 5 квартали Македонија има, како што вели, еден сериозен степен на раст.






– Минатата година ја завршивме со 3,5% со сите потешкотии од опкружувањето. Ќе продолжиме уште по посветено, по динамично со цел да надополниме она што беше испуштено претходно – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакнува дека граѓаните имаат можност транспарентно да ја следат реализацијата на проектите преку новиот портал каде во реално време може да се видат капиталните инвестиции, динамиката на реализација и потрошените средства.

– Сведоци сме на една искрена и чесна генерација на политичари коишто успеаја да го запрат падот на државата, а може веќе да ги видиме првите резултати со динамичната и посветена реализација на проектите, можеме да го отвориме и новиот портал што беше промовиран пред десетина дена каде буквално секој капитален проект, динамиката на неговата реализација, средствата што се потрошени во реално време може да се следи, во моментот течат повеќе од 1.150 проекти во локалната самоуправа, каде граѓаните можат на најдиректен начин да ги видат, од првиот и од вториот повик. Првиот повик е веќе близу деведесет и некој процент, вториот повик осумдесет и четири проценти од проектите веќе во поодмината фаза каде што се извршени проектите, спроведени постапките за тендерирање, воведени во работа – вели Јаревски.

Тој оцени дека динамиката на реализација е задоволителна и дека тоа веќе дава резултати во економијата.

Во однос на задолжувањето, Јаревски посочи дека не е проблем државата да зема кредити доколку тие средства се користат за развојни проекти. Притоа, тој ја критикуваше претходната власт, обвинувајќи ја дека ја задолжила државата без реализација на значајни проекти и без напредок кај инфраструктурните зафати.

– Има динамика која што е задоволителна и тоа си дава резултати, не е ништо страшно да се влезе во процесот да се земе кредит со цел да се реализира нешто тоа е впрочем во секој буџет си има дефиниран дефицит што се финансира од дома а што од задолжување, и никогаш не е проблем доколку развојот на државата го надмине задолжувањето. И тоа е клучната разлика во однос на периодите со СДСМ. Тие успеаја во нивниот период да не задолжат повеќе од сите генерации наназад, сетете се барем на 5 проекти кои оставиле силно значење, или еве дури и тие што ги отпочнаа стоеја така, немаше движење на автопатите, имаше нерешени имотно правни спорови, недефинирана траса итн. – рече Јаревски.

Поврзани содржини