УКРАИНА Е ВО НАЈГОЛЕМАТА КРИЗА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ВОЈНАТА Зеленски се соочува со најтешката одлука
Ако Зеленски ги одобри законите што би им овозможиле на западните структури да го контролираат украинското судство, тој ќе ја задржи европската финансиска и воена помош, но ќе стане политичка фигура без вистинска моќ, а одбие, ја ризикува понатамошната поддршка од Западот, што би можело да доведе до колапс на фронтот и внатрешни немири.
Во екот на војната, во Украина продолжува сложениот политичко-судски трилер познат како „аферата Миндич“, што прерасна во најголемата внатрешна политичка криза од почетокот на борбите со Русија.
Самиот скандал повеќе не е само вообичаено прашање за корупција, туку институционална војна помеѓу Канцеларијата на претседателот и Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ), кое ужива директна поддршка од Западот.
Тимур Миндич
Аферата е именувана по Тимур Миндич, влијателен бизнисмен близок до украинскиот претседател Володомир Зеленки. Неодамна беше откриено дека НАБУ го прислушкувал станот на Миндич, а кога овие аудиоснимки беа објавени во јавноста, беше разоткриена голема корупциска мрежа во која клучните актери се луѓе од внатрешниот круг на претседателот Зеленски.

Како дел од овие откритија, беше откриена и шема со договори со државната енергетска компанија Енергоатом, кои биле користени за плаќање разни провизии, а парите биле користени за изградба на луксузно викенд-одморалиште во близина на Киев, наводно наменето за самиот врв на владата.
Аферата има и таканаречен воен крак. Документирано е дека поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров бил директно притиснат да додели мултимилионски државни договори на компанија наводно контролирана од Тимур Миндич. Иако несомнено станува збор за корупциска афера, по која главните актери беа отпуштени или притворени, ситуацијата не се смири.
Спротивставени страни
Политичката арена е поделена на два табора кои ги користат разузнавањето, уцената и медиумите како оружја против другата страна.
Неодамна, Андриј Јермак, најдоверливиот човек на украинскиот претседател, исто така стана „жртва“ на овој конфликт. Тој е идентификуван како клучна личност во одржувањето на претседателот Зеленски на власт.
НАБУ официјално го обвини за перење пари и тој помина неколку дена во притвор. Украинскиот претседател наводно зад сцената организирал собирање мултимилионска сума за кауција, за да обезбеди ослободување на Јермак. Сепак, Јермак повеќе не може официјално да ги извршува своите должности и се соочува со серија обвиненија.
Многу повеќе од корупција
Самиот претседател Зеленски е под огромен притисок веќе неколку месеци, а од неодамна има сериозни сомневања дека има необјавени делови од снимките што го содржат и неговиот глас и гласот на првата дама Олена Зеленска. Покрај нив, најголемото име е Герман Галушченко, поранешен министер за правда и поранешен министер за енергетика, кој беше уапсен во февруари оваа година во воз за Варшава, додека се обидуваше да избега од Украина.
Аферата Миндич е многу повеќе од приказна за корупција. Западните партнери на Украина се соочуваат со притисоци во сопствените општества поради испраќањето големи количини воена и финансиска помош во Украина, додека корупцијата таму цвета.
Зајакнувањето на институцијата НАБУ, или поточно, воспоставувањето надворешен надзор над украинското судство од перспектива на Западот, е совршен лост за контрола. Покрај тоа, во Украина се појави и хетерогена група која сака да ја „скрши“ вертикалата на моќ на претседателот.

Прво, постои таканаречениот прозападен блок: невладини организации, медиуми и разни оперативци во рамките на САПО (Специјализирано обвинителство за борба против корупцијата) и на НАБУ. Крајната цел е да се потисне корупцијата преку воведување западна контрола врз судството. Втората група се опозициските сили собрани околу поранешниот претседател Петр Порошенко, додека третата група е собрана околу Игор Коломојски – олигарх кој е во голема мера одговорен за доаѓањето на власт на претседателот Зеленски, а кој подоцна се најде во негова „немилост“. Аудиоснимките беа објавени во јавноста токму од кругот на луѓето околу Коломојски.
Антикорупциски тела
Иако Западот се обидува да воспостави контрола врз судството преку НАБУ, конфигурацијата на структурите во ова тело не е толку хомогена. Постои поделба и во самите антикорупциски тела.
Раководителите на антикорупциските тела ги штитеа и самиот Зеленски и Андриј Јермак. За возврат, СБУ (Служба за безбедност на Украина), која е под контрола на украинскиот претседател, ги запре кривичните гонења за велепредавство против оние лица од антикорупциските тела кои некогаш имале врски со проруски претставници.
Сепак, охрабрени од поддршката на западните структури, истражителите ги објавија снимките во јавноста по заобиколни патишта и со тоа го принудија раководството да поднесе обвиненија. Наскоро, почнаа да се објавуваат и „валкани алишта“ во јавноста кога вработените во овие тела почнаа јавно да се обвинуваат едни со други.
Притисок од Западот
Во сето ова, клучниот проблем на Кабинетот на претседателот е што западните партнери, од кои во голема мера зависи опстанокот на Украина, се и главните спонзори на антикорупциските агенции кои се во конфликт со претседателот.
Дополнително, еден од главните услови за пристапување кон ЕУ е внатрешната реформа на Украина, според која на меѓународните експерти би им било дадено право да стават вето на изборот на судии, без оглед на тоа кој би бил на власт во Киев. До одреден степен, ова е напад врз украинскиот суверенитет.
Од друга страна, логиката на Западот да го контролира протокот на пари што ги испраќа во Украина е оправдана. Со тоа се стигнува до точката каде што позициите на украинското и на западното раководство се разликуваат.
Западните лидери веруваат дека со финансирањето на Украина, тие ѝ помагаат на Украина да ја задржи својата независност и правото на геополитичко позиционирање, додека Киев верува дека финансирањето на Украина е обврска на Европа која со „украинска крв“ се штити од Русија. До одреден степен, двете страни се во право.
Преговори, Путин и Трамп
Европа секако има две клучни причини за финансирање на украинската одбрана, но во позадина Европа го подготвува теренот за крајот на војната и за првите повоени избори во Украина. Досега се воспостави мислењето дека Европа чека Русија сама да се сруши, што беше дури и неофицијална доктрина на европските земји.
Сепак, тука се појави проблемот со билатералниот договор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кои речиси сигурно нема да ги прифатат европските или украинските предлози. Затоа, Европа очајно треба да стане субјект, а не само објект во геополитичките односи. Во оваа смисла, влијанието на Европа врз украинските антикорупциски тела може да послужи и како лост за прифаќање на тие услови во преговорите што Киев можеби нема да сака да ги прифати.
Зеленски и Јермак
Покрај тоа, не е тајна дека европските лидери не го гледаат украинскиот претседател како личност склона кон компромис и веројатно би го замениле со некој што е пофлексибилен во оваа смисла. Сепак, изборите во Украина не можат да се одржат пред да се договори прекин на огнот. Затоа, ако Европа, САД, Русија и Украина успешно се договорат за прекин на огнот во која било форма, изборите се неизбежни, а на нив Зеленски сигурно не би бил кандидатот што Западот ќе го поддржи.
Претседателот Зеленски затоа се соочува со една од најтешките политички одлуки. Ако одобри закони што би им овозможиле на западните структури да го контролираат украинското судство, тој ќе ја задржи европската финансиска и воена помош, но ќе стане политичка фигура без вистинска моќ.
Ако одбие, ја ризикува понатамошната поддршка од Западот, што последователно би можело да доведе до колапс на фронтот и внатрешни немири.
Со оглед на тоа што истрагите за аферата стигнаа до него, речиси и да нема простор за маневрирање и за одложување.