ВО СЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ЌЕ ВРАЌАМЕ МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДОЛГОВИ Стојаноски ја обвини претходната власт за економскиот товар

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека новите задолжувања ќе се користат за враќање стари долгови и за капитални инвестиции, а ја обвини претходната власт за нетранспарентно трошење.

199

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека државата во наредните години ќе треба да враќа милијарди евра стари долгови, обвинувајќи ја претходната власт за зголемување на јавниот долг и нетранспарентно задолжување.

Како што соопшти партијата, Стојаноски во емисијата „Директно“ на ТВ Телма посочил дека во следните три години државата треба да врати околу шест милијарди евра долгови, а во периодот од 2026 до 2031 година уште околу девет милијарди евра.






– Треба да знаеме дека во наредните три години како држава треба да вратиме шест милијарди евра стари долгови, а од 2026 до 2031 година уште околу девет милијарди евра. Според нас, сите тие долгови се преземени од претходната влада – изјави Стојаноски.

Тој додаде дека дел од новиот заем ќе биде наменет за враќање на старите долгови, потсетувајќи дека во јуни треба да се исплати втората транша од еврообврзницата од 700 милиони евра, земена во 2020 година.

Стојаноски рече дека во периодот од 2020 до 2024 година до Собранието биле доставени 28 закони за задолжување, сите во скратена постапка.

– Овој закон не може да се нарече нетранспарентен, затоа што прво е усвоен на Влада, а потоа доставен до сите пратеници. Матичната комисија ја претседава пратеничка од СДСМ – истакна тој.

Според Стојаноски, дел од средствата од новиот заем ќе бидат насочени и кон капитални инвестиции, со цел поттикнување економски раст.

– Суштината на нашата економска политика е финансирање капитални проекти за да се обезбеди економски раст. Кога заминавме од власт, јавниот долг беше околу 4,7 милијарди евра, односно 44-45 проценти од БДП. Во 2024 година долгот достигна 8,8 милијарди евра – рече Стојаноски.

Тој додаде дека Владата во изминатите две години вратила две еврообврзници, од 500 и од 700 милиони евра.

Стојаноски се осврна и на унгарскиот кредит, оценувајќи дека средствата ќе се вратат во Буџетот преку економски раст.

– Тие 250 милиони евра за деловните субјекти и уште 250 милиони евра за општините се средства што мултипликативно ќе се вратат во Буџетот. Токму затоа имаме раст на БДП шест квартали по ред – изјави Стојаноски.

Поврзани содржини