📽️ „ЌЕ НАПРАВИ КАКО ШТО ЈАС ЌЕ МУ КАЖАМ!“ Трамп и Нетанјаху имале жесток разговор за Иран

Израел бара продолжување на нападите врз Иран, додека шефот на САД се обидува да остави простор за договор со Техеран. Според Си-ен-ен, телефонскиот разговор меѓу американскиот и израелскиот лидер бил исклучително напнат.

989

Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху имале тензичен телефонски разговор околу натамошниот пристап кон Иран, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на информации од „Аксиос“ и на „Волстрит џурнал“.

Разговорот открил сериозни разлики меѓу Вашингтон и Тел Авив околу тоа дали треба да продолжат нападите врз Иран или да ѝ се даде шанса на дипломатијата.






Според информациите, Трамп првично му соопштил на Нетанјаху дека САД размислуваат за нови целни удари врз Иран, во рамки на операција со кодно име „Операција Чекан“.

Но, само еден ден подоцна американскиот претседател ги стопирал нападите.

Заливските држави барале пауза

Според Си-Ен-Ен, одлуката за стопирање на ударите била донесена по барање на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Овие држави, заедно со пакистански посредници, се обидуваат да изградат рамка за нови разговори меѓу Вашингтон и Техеран.

– Во последните фази сме со Иран. Ќе видиме што ќе се случи – изјавил Трамп.

Тој додал дека или ќе има договор или ќе следуваат „непријатни потези“.

Нетанјаху барал продолжување на нападите

Израелскиот премиер, според извештаите, бил незадоволен од дипломатскиот пристап. Нетанјаху сметал дека секое одложување му оди во прилог на Иран.

За време на едночасовниот разговор тој наводно побарал продолжување на нападите и му порачал на Трамп дека паузата е грешка.

Но, американскиот претседател и натаму инсистирал на можност за дипломатско решение. На прашањето што му порачал на Нетанјаху, Трамп кратко одговорил:

– Тој ќе направи тоа што сакам да направи.

Иран и САД повторно разменуваат пораки

Во меѓувреме, Иран потврдил дека продолжуваат индиректните контакти со Вашингтон преку посредство на Пакистан.

Според портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, разговорите се водат врз основа на документ од 14 точки предложен од Техеран.

– Пораките се разменети во неколку наврати, ги добивме ставовите на американската страна и во моментов ги разгледуваме – изјавил портпаролот.

Сепак, според Си-Ен-Ен, клучните разлики остануваат. Прашањата за нуклеарната програма на Иран и замрзнатите средства сè уште не се решени.

Воената опција останува на маса

И покрај дипломатските напори, Трамп повторно предупредил дека воената опција не е исклучена.

– Ако не ги добиеме вистинските одговори, тоа ќе се случи многу брзо. Сите сме подготвени да продолжиме – изјавил американскиот претседател.

Поврзани содржини