ХОРОР ВО ГЕРМАНИЈА Македонец осомничен за напад врз пензионер кој починал
36-годишен македонски државјанин е уапсен во Австрија по европска потерница, под сомнение дека учествувал во грабеж во Германија, по кој починал 93-годишен маж.
Македонски државјанин е уапсен во Австрија под сомнение дека учествувал во брутален грабеж во Германија, по кој животот го загубил 93-годишен маж.
Според австриските и германските медиуми, 36-годишен Македонец бил приведен во Салцбург врз основа на европска потерница, а по апсењето бил префрлен во затворот Пух-Урштајн, во близина на градот.
Истрагата на германската полиција покажала дека на почетокот на мај група напаѓачи провалила во бунгалов на 93-годишен маж во Германија. Напаѓачите физички го нападнале старецот, а потоа ја пребарале куќата и избегале.
Неколку дена подоцна, на 3 мај, неговите деца го пронашле мртов во домот. Обдукцијата потврдила дека починал од тешките повреди здобиени при нападот.
Германските власти претходно уапсиле уште двајца осомничени – 30-годишен и 59-годишен маж, додека по Македонецот се трагало сè до неговото апсење во Австрија.
Во тек е координација меѓу австриското и германското правосудство за можна екстрадиција на осомничениот во Германија, каде што ќе се соочи со истрагата за тешкиот злостор.