185.000 ЕВРА ПОДДРШКА ЗА ЗАНАЕТЧИИ И МАЛИ И СРЕДНИ ФИРМИ Објавен е повикот за кофинансирање набавка на машини и алатки

Крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2026 година.

39

Министерството за економија и труд објави повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, со кој се обезбедени 11,34 милиони денари (185.000 евра).

Ќе се кофинансираат 40% од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200.000 денари од барател.






Поддршката се однесува на инвестиции реализирани во текот на 2025 и 2026 година, а право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани во согласност со законските прописи.

Крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2026 година.

– Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и преработувачката индустрија, со јасна цел – поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна, да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој – рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција.

Покрај оваа мерка, информира Дурмиши, во наредниот период ќе бидат објавени и два значајни јавни повици во рамките на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.

– Првиот јавен повик се однесува на надоместување дел од трошоците за воведување, имплементација и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, со вкупен буџет од 2 милиони денари. Ќе се кофинансираат 70 отсто од трошоците, до максимум 200 илјади денари од компанија. Со ова сакаме да им помогнеме на компаниите полесно да ги исполнат меѓународните стандарди, да се вклучат во глобалните синџири на доставувачи и да ја зголемат својата извозна конкурентност – објасни министерот.

Вториот јавен повик, дополни, е насочен кон зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува 70% од трошоците, но не повеќе од 500.000 денари по проект.

– Токму поврзувањето на бизнис-секторот со науката, истражувањето и иновациите е клучно за технолошки напредок, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со поголема додадена вредност. Во време на сериозни глобални економски предизвици наш приоритет е поддршка на домашното производство, знаењето, иновациите и конкурентноста на македонската економија – истакна Дурмиши.

Тој ги повика сите заинтересирани компании и занаетчии внимателно да ги следат условите од јавните повици и да аплицираат.

Поврзани содржини