ИМАМЕ СВЕДОШТВА ДЕКА ЗАЕВ, ШЕКЕРИНСКА И СПАСОВСКИ НАРАЧУВАЛЕ КРИВИЧЕН ПРОГОН Телефонски повик меѓу раководители на институции не е криминал
ВМРО-ДПМНЕ во соопштение вели дека „СДСМ директно се вклучува во одбрана на Васко Ковачевски кој е во бегство, а ослободен е од политичкото обвинителство водено од Ислам Абази, кадарот на Али Ахмети, Зоран Заев и Венко Филипче“.
Имаме сведоштва од обвинители и судии дека Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски биле тие кои кажувале кој ќе се гони, а кој не, а телефонски повик меѓу раководители на институции не е криминал – оцени ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
„Обвинителката Лејла Кадриу од поранешното СЈО, јавно сведочеше дека Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, оделе навечер во тогашните канцеларии на СЈО, и на обвинителите Ленче Ристовска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова им диктирале кој предмет да се работи, кој не, и кој поединец да биде опфатен со одреден предмет, а кој да биде изземен од политичкиот прогон кој го извршуваа, благодарение на Катица Јанева.
Поранешен судија на Врховниот суд, Ристо Катевеновски јавно изјави дека бил разрешен откако не дал позитивно мислење за случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска, утредента на вонредна седница на Судски совет, веќе бил разрешен од функцијата. Во кратки црти, Катевеновски бил разрешен затоа што не постапил по политичка директива.
Да не ја заборавиме и Добрила Кацарска, која делуваше по насоки на Заев, за што и стана Уставен судија, и за Вилма Русковска од обвинителството, која по насока на Заев бараше 200 години затвор за уставобранителите, за дело кое не соодвествува со реалноста. Тогаш СДСМ молчеше и не ги осудуваше тие случувања.
Сега СДСМ реагира за телефонски разговор помеѓу претседател на Влада и државен јавен обвинител. Што е тука криминал, ако премиер побара да се информира за скандалот со ослободување од одговорност за милионски криминал во ТЕЦ Неготино? Вака, СДСМ директно се вклучува во одбрана на Васко Ковачевски кој е ослободен во бегство од политичкото обвинителство водено од Ислам Абази, кадарот на Али Ахмети, Зоран Заев и Венко Филипче“ – пишува ВМРО-ДПМНЕ.