НА СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД КУМАНОВСКО МУ СЕ ПРИПИШУВААТ УШТЕ 2 УБИСТВА И 2 ОБИДА ЗА УБИСТВО Сите жртви биле жени
Поднесена е и кривична пријава за сторено кривично дело „несовесно вршење на службата“ против мртвопроверителите М.С. и Д.Д. од „Општа болница“ - Куманово.
Истрагата за убиецот од Старо Нагоричане, кој се води како прв сериски убиец на жени во Македонија, открила уште четири нови кривични дела – две убиства и два обиди за убиство.
Како што соопшти денеска на брифинг обвинителот Љубомир Лапе, се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол.
Според досега објавените информации од обвинителството и полицијата, осомничениот се идентификува со иницијали Т.Б., 25-годишен жител на село Малотино, општина Старо Нагоричане.
Како што соопшти Лапе, по обезбедување нови докази, истрагата е проширена за две кривични дела убиство од квалификуван облик и две кривични дела обид за убиство од квалификуван облик, со што во моментот се води истрага за вкупно шест кривични дела, од кои четири се довршени убиства, а две се останати во обид.
Тој нагласи дека според досегашните сознанија станува збор за прв случај во државата во кој доказите упатуваат на сериски убиец со елементи на фемицид, односно родово базирано насилство, имајќи предвид дека кривичните дела биле насочени кон жени.
– Колку што ми е мене познато, ова е прв случај кај кој од доказите произлегува дека се работи за сериски убиец кој сторил и кривично дело фемицид, односно родово базирано насилство – посочи обвинителот.
СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривични пријави против Т.Б. (26) од село Драгоманце, Општина Старо Нагоричане, за сторено кривично дело „убиство“ поради основи на сомневање дека ги убил Ј.А. од село Драгоманце и С.К. од село Клечовце, како и поради сомневање за сторено кривично дело „обид за убиство“ врз С.А. и Р.Т..
По извршени проверки и ексхумација на телата на Ј.А. и С.К., утврдено е дека лицата починале од насилна смрт. Врз основа и на други сознанија и докази, било утврдено дека тој ги убил двете жени и во координација со ОЈО, против него е поднесена кривична пријава. Претходно, СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривични пријави против Т.Б. за убиство и на М.С. и М.М., а по предлог на јавниот обвинител, од страна на надлежен судија му е одредена мерка притвор.
Лицето сè уште се наоѓа во притвор, кој му е продолжен, а по комплетирањето на истражната постапка, ќе следува официјално обвинение против него.
Во рамките на истрагата бил формиран посебен тим, кој извршил анализа на сите починати жени во наведениот период кај кои постоеле индиции дека смртта може да е последица на кривично дело убиство. По направената анализа, била изготвена листа на потенцијални жртви, а кај три случаи била направена процена за ексхумација и обдукција.
Кај една од починатите не биле најдени наоди што упатуваат на убиство, но кај две жени се утврдило дека станува збор за жртви.
Во однос на обидите за убиство, Лапе посочи дека едната од нападнатите жени не го видела сторителот, а втората го видела и го препознала осомничениот.
Првите две убиства, за кои веќе е отворена истрага, се случиле во периодот од 23 јануари до 12 февруари 2026 година, а втората истрага се однесува на настани од 17 до 18 јануари 2026 година. Третото проширување на истрагата ги опфаќа убиствата сторени во периодите од 5 до 6 јануари 2025 година и од 5 до 6 јуни 2025 година. Обидите за убиство, според истрагата, биле извршени на 21 јуни 2025 година и на 9 февруари 2025 година.