ЗАБ СТАР 59.000 ГОДИНИ ЈА МЕНУВА ВИСТИНАТА Неандерталците биле повешти одошто се мислеше

Меѓународен тим научници од Русија и САД тврди дека неандерталците можеби изведувале примитивни стоматолошки интервенции уште пред 59.000 години. Анализата на древен катник открила траги што, според истражувачите, укажуваат на намерно дупчење со камени алатки.

307

Меѓународен тим научници од Русија и од САД дошол до фасцинантен заклучок. Tимот анализиран древен човечки катник пронајден во Сибир. Според истражувачите, неандерталците користеле камени алатки за дупчење на оштетени заби во обид да ја ублажат силната болка.

– Откритието јасно укажува дека тие веројатно биле запознаени со можноста за ублажување на забоболка преку ваков вид третман – се наведува во официјалниот извештај од истражувањето.

Станува збор за заб стар околу 59.000 години, откриен во пештерата Чагирскаја на планинскиот масив Алтај во Сибир. Научниците велат дека ова е еден од најстарите познати материјални докази што упатуваат на можни стоматолошки интервенции кај пралуѓето.

 

Експертите забележале голема празнина што се протега од површината за џвакање до пулпната комора на забот. Според нив, оштетувањето не изгледа природно.

– Ова недвосмислено укажува на намерно и свесно механичко дејствување – наведуваат истражувачите.

Антропологот од Универзитетот во Аризона, Џон Олсен, оценил дека ваквиот наод укажува на високо ниво на рачна умешност и когнитивни способности кај неандерталците.

– За успешно изведување на толку сложени зафати биле потребни напредни способности и добра координација – посочил Олсен.

Поврзани содржини