ВО ПЕКОЛОТ ВО ХИРОШИМА БИЛ „РОДЕН“ НОВ МЕТАЛ Научниците открија структура досега невидена на Земјата

Зрното е големо само околу 10 микрометри, но има комбинација од состав и кристална структура каква што досега не била забележана. Научниците веруваат дека го создале екстремните услови при атомската експлозија.

0

Микроскопско зрно создадено во атомскиот пекол на Хирошима крие нешто што научниците досега не го забележале на Земјата. Станува збор за необична метална легура, сочувана во остатоците од експлозијата од 1945 година.

Зрното е големо само околу 10 микрометри. Неговата комбинација од хемиски состав и кристална структура досега не била забележана.






При експлозијата на атомската бомба над Хирошима, температурата во огнената топка надминала 7.000 Целзиусови степени. Метали, стакло, земја и градежни материјали испарувале и се мешале.

Потоа следувало исклучително брзо ладење.

Токму тие екстремни услови создале микроскопски стаклени честички, познати како хирошимаити. Подоцна биле пронајдени во песокот од заливот Хирошима.

Тајна скриена во 10 микрометри

Тим предводен од геологот Лука Бинди од Универзитетот во Фиренца анализирал 34 примероци од хирошимаит.

Научниците барале необични метални структури. Во еден примерок пронашле микроскопски фрагменти од легура на железо и хром.

Едно зрно било сосема поинакво.

Главно содржело железо, но и хром, силициум, никел, молибден, манган и алуминиум. Вистинското изненадување, сепак, било во распоредот на атомите.

Другите зрна имале структура очекувана кај обичниот челик. Ова имало многу посложен и исклучително уреден кубен распоред.

Станува збор за структура од типот AlAu₄, изведена од структурата на бета-манган.

Експлозијата го создала, брзината го зачувала

Научниците претпоставуваат дека легурата се кондензирала од метална пареа при нуклеарната експлозија.

Потоа се оладила толку брзо што атомите останале „заробени“ во необичниот распоред. При побавно ладење најверојатно би се создала поедноставна и постабилна структура.

Откритието отвора и поголемо прашање. Колку непознати материјали останале скриени во микроскопските остатоци од првите атомски експлозии?

Тим предводен од Бинди претходно пронашол дотогаш непознат клатрат во остатоците од нуклеарниот тест „Тринити“ од јули 1945 година.

Бинди смета дека остатоците од историските нуклеарни експлозии можеби кријат цела група досега непознати материјали. Некои од нив се зачувани во честички големи само неколку микрометри.

Поврзани содржини