ДОПИРАЛ УЧЕНИЧКИ, ПОЛИЦИЈАТА ГО ПРИВЕДЕ Притвор за 65-годишен раководител на образовен центар во Штип
А.Ш.(65) од Штип се сомничи дека како управител на образовен центар во Штип, за време на одржување на дополнителна настава, подолг период допирал по телото неколку малолетни ученички.
Раководител на образовен центар во Штип заврши во притвор, откако полицијата во понеделникот го уапси по пријава на родители дека допирал ученички.
„На 11.5.2026 година во 19:50 часот полициски службеници од Отсекот за криминалистичка полиција при СВР Штип го лишија од слобода А.Ш.(65) од Штип. Тој се сомничи дека како управител на образовен центар во Штип, за време на одржување на дополнителна настава, подолг период допирал по телото неколку малолетни ученички. Настанот во полициска станица го пријавиле родители, во присуство на ученичките и на претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Штип“, соопшти полицијата.
Со судска наредба се извршени претреси во неговиот дом и во образовниот центар и се одземени предмети за понатамошна постапка.
„А.Ш. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него е поднесена кривична пријава, а од судија на претходна постапка му е определена мерка притвор од 30 дена“, соопшти полицијата.