КОРИСТЕЊЕТО НА ПРИДАВКАТА СЕВЕРНОМАКЕДОНСКИ Е НЕСООДВЕТНО Македонците се Македонци ѝ порача Муцунски на бугарската колешка

Во врска на изјавата на мојата нова бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, би сакал да појаснам дека денеска немавме официјална билатерална средба. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денеска навистина имавме многу „средби“, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

549

Не сум имал билатерална средба со министерката за надворешни работи Весислава Петрова Чамова, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој реагира на изјавата на Петрова Чамова која рече дека денеска имала „добра прва средба“ со него.

„Во врска на изјавата на мојата нова бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, би сакал да појаснам дека денеска немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денеска навистина имавме многу „средби“. Воедно, би сакал да потсетам дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ“, објави министерот Муцунски на Фејсбук.

Во дипломатијата, прецизноста не е формалност, додаде тој, таа е одраз на почит.

„А, како што ѝ кажав на Весислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и кон нашата заедничка европска иднина“, порача Муцунски.

Петрова Чамова изјави дека Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земја-кандидат.

– Овој став беше потврден денеска. Драго ми е што имаме многу широк политички консензус за тоа во Бугарија. Ова им го кажав и на нашите северномакедонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна што ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат – изјави таа во Брисел.

Во Брисел се одржа состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и  неформален работен појадок со земјите од Западен Балкан.

– Бугарија останува исклучително поддржувачки фактор. Исто така, добро е за нас да видиме активност и посилна активност од нивна страна во согласност со постигнатите договори. Тие имаат единствена можност. Гледаме дека земји како Црна Гора и Албанија остваруваат сериозен напредок. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да изгубат. Да се ​​држат до постигнатиот договор во 2022 година и да преземат потребни политички чекори. Да го отворат својот европски пат – рече Петрова Чамова.

Муцунски во Брисел изјави дека „е потребно да се оттргнеме од билатерализацијата на критериумите за пристапување“.

МИНИСТЕРКАТА НА РАДЕВ ГО КРОЕЛА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ Чамова ќе ја води бугарската дипломатија

Поврзани содржини