ПРОИЗВОДСТВОТО НА СТРУЈА ОД СОНЦЕ Е ЗГОЛЕМЕНО ЗА 50 ПАТИ ВО ОДНОС НА 2016 ГОДИНА Божиновска вели Македонија е активен играч во енергетската транзиција
Министерката за енергетика нагласи дека со новиот Закон за енергетика, усвоен во 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрза инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.
Енергетската криза беше јасен сигнал дека енергетската безбедност и транзицијата мора да одат паралелно. Македонија суштински го редефинираше пристапот кон енергетиката – од пасивно следење на пазарот, кон активно планирање, инвестиции и развој, изјави министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска на Belgrade Energy Forum 2026,што се одржува во Белград (Србија).
Таа нагласи дека со новиот Закон за енергетика, усвоен во 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрза инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.
Министерката потенцираше дека производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во споредба со 2016 година.
Во своето обраќање таа ги издвои и капиталните државни инвестиции преку АД ЕСМ, особено проектите за изградба на фотоволтаични централи во РЕК Битола и РЕК Осломеј, оценувајќи ги како симбол на праведната енергетска транзиција и трансформацијата на поранешните јагленски капацитети во извори на чиста енергија.
Министерката посочи дека Македонија активно работи на гасното интерконективно поврзување со Грција и Србија, со што се отвора пристап до нови извори на природен гас и LNG терминали, а паралелно се зајакнуваат и електроенергетските интерконекции со соседните земји.
Говорејќи за европските политики и механизмот CBAM, министерката истакна дека државата веќе воспостави систем за Гаранции за потекло на електрична енергија, што ќе им овозможи на македонските компании поголема конкурентност и полесен пристап до европскиот пазар.
-Нашата визија е Македонија да стане држава со декарбонизиран, дигитализиран и регионално интегриран енергетски систем, со значително поголемо домашно производство на чиста енергија. Регионалната соработка денес не е избор, туку неопходност за стабилна и сигурна енергетска иднина -рече Божиновска.
Во рамки на форумот, министерката оствари и повеќе билатерални средби со претставници на регионални институции, компании и меѓународни партнери, посветени на нови инвестиции, енергетско поврзување и продлабочување на регионалната соработка во енергетиката