„КОГА ВИДЕЛЕ ДЕКА ПОЖАРОТ СЕ ШИРИ, ПОЛИЦАЈЦИТЕ ПРВИ ИЗБЕГАЛЕ“ Семејствата на загинатите го одржаа 42-от Марш на ангелите во Кочани
Роднините на загинатите побараа одговорност за полициските службеници кои таа ноќ не интервенирале кога се запалила пиротехниката, како и при евакауцијата на нивните деца од дискотеката.
Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска го одржаа 42. Марш на ангелите, движејќи се од Паркот на револуцијата до зградата на Основното јавно обвинителство.
Застанаа пред објектот на полицијата, барајќи одговорност за полициските службеници кои таа ноќ не интервенирале кога се запалила пиротехниката, како и при евакауцијата на нивните деца од дискотеката.
– Што точно правеле службените лица во тие клучни моменти? Тие немо стоеле и ги блокирале вратите на единствениот влез-излез и кога увиделе дека пожарот се шири, први кукавички избегале да спасат глава. Ова е институционален пораз во најкритичниот момент, затоа денес прашуваме: дали ова е систем подготвен да штити граѓани или систем што целосно потфрлил во најважниот момент? Затоа што во тие минути не се мерела само професионалноста. Се мерела човечноста. Се мерела одговорноста. Се мерело дали униформата значи заштита или само функција без тежина кога е најпотребно. Но, затоа совршено функционирале: молкот, замижувањето, меѓусебното штитење и чувството дека никој никогаш нема да одговара – рече Розета Блажева.
Семејствата на 63-те жртви во пожарот порачаа дека денес не ја прашуваат Европа каде се нејзините вредности, туку нашата држава.
– Како точно планирате да стигнете до Европа, ако со години не успевате да стигнете ни до сопствената одговорност? Нема европска иднина без правда. Нема достоинство во држава каде родителите мора да маршираат, за да бидат слушнати. И нема победа над темнината додека вистината за 63-те ангели сè уште талка по улиците, наместо да стои јасно и гласно во институциите – рече Марија Патрушева во име на семејствата за загинатите млади луѓе.