АЛЕН БЕРСЕ БИЛ ИМПРЕСИОНИРАН ОД ПОСТИГНУВАЊАТА НА МАКЕДОНИЈА Земјава има важна улога за стабилноста и демократијата во регионот

160

Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во рамки на официјалната посета на Македонија, по вчерашната средба со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изрази задоволство од досегашната соработка со државата и го нагласи значајниот напредок што земјата го постигнала во изминатите децении.

Во своето обраќање, генералниот секретар посочи дека бил „навистина импресиониран“ од постигнувањата на Северна Македонија, нагласувајќи дека Советот на Европа отсекогаш бил партнер и поддржувач на земјата во зајакнувањето на демократијата.

Тој ја истакна важната улога на Македонија во градењето на стабилноста и демократската отпорност во регионот и во Европа, особено во услови на актуелни геополитички и безбедносни предизвици.

– Во вакви геополитички околности, довербата во демократските институции е апсолутно клучна, не само за земјите членки, туку и за стабилноста на Европа како целина – истакна Берсе, додавајќи дека безбедноста и стабилноста се можни само преку силни и функционални институции.

Генералниот секретар ја поздрави и соработката со Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на вештачката интелигенција, поддршката за Украина и унапредувањето на правата на малцинствата, при што посебно го поздрави брзото усвојување на Акцискиот план за малцинства.

Берсе оцени дека претстојното претседавање на Северна Македонија со Комитетот на министрите на Советот на Европа претставува дополнителна потврда за улогата и значењето на државата во рамки на европското семејство.

Тој изрази уверување дека високото ниво на доверба и конструктивна соработка меѓу Советот на Европа и Северна Македонија ќе продолжи и во наредниот период.

Поврзани содржини