ТРАМП ПРАВИ ЦРНА ЛИСТА ВО НАТО Кои земји се добри, а кои ќе бидат казнети?
Меѓу земјите кои би можеле да имаат корист од новата политика се Романија и Полска, кои важат за блиски партнери на Вашингтон.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвила интерен список на „добри и лоши“ членки на НАТО, како дел од разгледувањето можни мерки против сојузниците кои не ја поддржале американската воена операција против Иран, се вели во текст на Политико.
Според дипломатски извори и американски претставници, земјите биле рангирани според нивниот придонес во Алијансата и нивната подготвеност за соработка со Вашингтон. Планот бил подготвен во пресрет на последната посета на генералниот секретар на НАТО Марк Руте на Вашингтон.
Овој потег се смета за уште еден сигнал дека претседателот Доналд Трамп има намера да го засили притисокот врз сојузниците кои, според него, не ги исполнуваат обврските кон НАТО и американските интереси. Воедно, тоа дополнително ги продлабочува тензиите во Алијансата, која веќе се соочува со предизвици поради ставовите на Трамп од барањата поврзани со Гренланд до заканите за можно американско повлекување од НАТО.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет уште во декември ја најави оваа политика, посочувајќи дека „примерните сојузници“ како Израел, Полска, Германија, балтичките држави и други партнери ќе уживаат „посебна наклонетост“ од Вашингтон, додека оние што не вложуваат доволно во колективната одбрана ќе се соочат со последици.
Еден дипломатски извор изјавил дека Белата куќа веќе располага со документ во кој земјите се поделени на „добри“ и „лоши“ сојузници, но засега не е познато какви конкретни награди или санкции би следувале.
Портпаролката на Белата куќа порача дека САД „ќе запомнат“ кои земји не ја поддржале операцијата „Епски бес“, додавајќи дека Вашингтон со години ги штити своите сојузници со илјадници војници, без секогаш да добива соодветна поддршка за возврат.
Според извештаите, меѓу земјите кои би можеле да имаат корист од новата политика се Романија и Полска, кои важат за блиски партнери на Вашингтон и се подготвени да примат дополнителни американски сили. Полска веќе покрива голем дел од трошоците за околу 10.000 американски војници распоредени во земјата, додека романската база „Михаил Когалничеану“ има капацитет за проширување.
Од друга страна, Шпанија, како и Велика Британија и Франција, наводно ги одбиле или одложиле американските барања поврзани со операцијата. Во меѓувреме, Бугарија дискретно ја поддржала американската логистика на Блискиот Исток.
Шпанија веќе се најде под критики поради противењето на барањето трошоците за одбрана да достигнат 5 проценти од БДП, додека балтичките земји и Полска беа пофалени поради високите инвестиции во безбедноста.
Сепак, дел од поранешните американски функционери се сомневаат дека администрацијата на Трамп има доволно простор дополнително да ги влошува односите со европските сојузници.