РЕВОЛУЦИЈА ИЛИ ОПАСЕН ТРЕНД? Сите полудеа по овој хормон, а експертите предупредуваат: „Високите дози можат да бидат опасни“
Дебатата за тестостеронот повторно се разгоре откако експертскиот панел на FDA во САД предложи проширување на пристапот до хормонот. Некои панелисти дури го нарекоа тестостеронот „основа на превентивното здравје“, покренувајќи прашања за тоа дали хормонот оди кон некаков статус на „чудотворен лек“.
Во моментов, хормонот тестостерон им се препишува на луѓе кои имаат медицински потврдени ниски нивоа на хормонот, на пример поради оштетување на тестисите. Но, сè поголем број студии сугерираат дека од терапијата би можеле да имаат корист и мажите и жените со низок тестостерон без јасна медицинска причина.
Стручната фела е поделена по ова прашање. Некои тврдат дека повеќето мажи можат да ги зголемат нивоата на тестостерон преку промени во животниот стил и губење на тежината. Други веруваат дека мажите со низок тестостерон и симптоми како што се замор, ниско либидо и раздразливост може да имаат корист од терапијата. Други, вклучително и некои членови на панелот на FDA, одат чекор понатаму и се залагаат за тестирање на сите мажи и лекување на оние со ниски нивоа дури и ако немаат симптоми, пишува Nature.
Иако тестостеронот често се промовира како „лајфстајл лек“, високите дози носат сериозни ризици, од неплодност и срцеви проблеми до психолошки промени и зголемена смртност. Поради неговиот потенцијал за злоупотреба, тестостеронот е класифициран како контролирана супстанција во Соединетите Американски Држави.