БЕЗ ЈАЗИКОТ НЕ СМЕ ТИЕ КОИ СМЕ Да го браниме македонскиот јазик од негирање и да го унапредуваме

Претседателката Сиљановска Давкова за Денот на македонскиот јазик нагласи дека македонскиот јазик е сведок на историскиот континуитет додека повика на негова доследна употреба. Таа истакна дека неговото зачувување е од суштинско значење за државата.

27

Денес, повеќе од кога било, нашата обврска е јасна: да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик, да го чуваме и браниме од негирања, оти без него не сме тие кои сме, ниту ќе останеме свои.

Вака вели претседателката Гордана Сиљановск Давкова во честитката за 5 мај, Денот на македонскиот јазик.

„Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет и самобитност, траен сведок на историскиот континуитет и носител на културното и духовното наследство на македонскиот народ. Тој е огледало на генерации Македонци низ вековите, преку него се изразува народниот дух, а со неговото опстојување се потврдува нашето постоење. Тој е прекрасниот инструмент за изразување љубов и идеи, создавање уметнички и научни творби, вредни дела и вечни вредности.

Од делото на светите браќа Кирил и Методиј, преку визионерската мисла на Крсте Петков Мисирков, до кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во 1945 година, соочени со оспорувања и пропаганди, се остварија вековните македонски стремежи за своја држава и јазик. Овој процес, дополнува претседателката, беше научно зацврстен со исклучителниот придонес на Блаже Конески, а дополнително зацврстен со објавувањето на првата граматика на македонскиот јазик од Круме Кепески во 1946 година, чиј осумдесетгодишен јубилеј го одбележуваме годинава.

Македонскиот јазик не е само сведоштво за минатото, туку и суштински креатор на современиот општествен развој. Затоа, неговата правилна и достоинствена употреба, како и доследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик, претставуваат темел на функционалната демокрaтска држава. Денес, повеќе од кога било, нашата обврска е јасна: да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик. Нека е вековита неговата мисија! Да го чуваме и браниме од негирања, оти без него не сме тие кои сме, ниту ќе останеме свои“, порачува Сиљановска-Давкова.

Поврзани содржини