БЕЗОБЅИРНО ВОЗЕЊЕ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ Уапсени 11 возачи, 7 возеле без дозвола

Полицијата приведе 11 возачи низ државата поради сериозни прекршоци. Дел возеле без дозвола, под дејство на алкохол или спротивно од правилата.

250

Изминатото деноноќие полицијата лиши од слобода 11 возачи поради безобѕирно управување возило. Акцијата опфати повеќе градови низ државата  откри сериозни прекршувања на сообраќајните правила.

Од приведените, седуммина управувале возило без возачка дозвола. Четворица биле во Скопје, двајца во Тетово и еден во кумановскиот регион.

Еден возач во Дебар управувал возило и покрај активна забрана. Во Битола, пак, еден возач бил фатен како вози под дејство на алкохол.

Во Градско едно лице управувало возило со брзина поголема од дозволената. Во Кочани, пак, евидентиран е возач кој се движел во спротивна насока.

По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против сите сторители, информира Министерството за внатршени работи (МВР) на својот официјален профил на Фејсбук.

Надлежните институции најавуваат дека контролите ќе продолжат.

„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, соопшти МВР.

Поврзани содржини