📽️ КРАЛОТ ЧАРЛС ТРЕТИ МУ ОДДРЖА ЛЕКЦИЈА НА ДОНАЛД ТРАМП Брилијантниот британски хумор го освои Конгресот

Без посигнат прст, смирено и со насмевка, британскиот монарх во говорот пред Конгресот и за време на вечерата со Трамп, испрати силни пораки до САД.

540

Кралот Чарлс Трети, директен британскиот монарх и наследник на кралот против кого се побунила Америка, одржа историски говор пред Конгресот во Вашингтон, по повод 250 години од американската независност.

Чарлс настапи како дипломат со свилени ракавици. Неговата главна порака беше дека Британија и САД се родиле како противници, но созреале како најблиски сојузници. „Од горчливите поделби пред 250 години, изградивме пријателство што стана еден од најважните сојузи во историјата на човештвото“, порача тој.

„Приказна за двајца Џорџовци“

Но, британскиот монарх брзо ги симна свилените ракавици и почна со добро познатиот британски хумор. Цитирајќи го Оскар Вајлд, кралот рече дека Британија и Америка имаат „навистина сè заедничко, освен, се разбира, јазикот“. Гардијан забележа дека ова предизвикало силна реакција и смеа во салата.

Потоа следеше шега со историјата: Вашингтон, рече Чарлс, е град на „приказна за двајца Џорџовци“ — Џорџ Вашингтон и Џорџ Трети. Па додаде: „Кралот Џорџ никогаш не стапнал во Америка и, ве молам, бидете уверени, јас не сум тука како дел од некаква лукава задна офанзива!“

Но зад шегата имаше порака. Кралот потсети дека американската демократија не е само бунт против Британија, туку и наследство од англиското право, од Магна карта и од идејата дека власта мора да биде ограничена. Особено интригантно зазвучи реченицата дека извршната власт подлежи на „checks and balances“ — порака што дел од американските медиуми ја прочитаа како суптилна опомена до Трамп.

Силна порака против изолационизмот

Втората силна порака беше против изолационизмот. Чарлс рече дека сојузот не смее да се затвора во себе и дека треба да се игнорираат „повиците да станеме сè повеќе свртени навнатре“. Тоа беше најјасниот дипломатски сигнал кон политиката „Америка пред сè“.

Третата порака беше за НАТО и за Украина. Кралот потсети дека по 11 септември НАТО првпат го активирал членот 5 и дека денес истата решителност е потребна за „одбраната на Украина и нејзиниот најхрабар народ“. Гардијан оцени дека ова звучело како нежно прекорување на Трамп, кој често ги напаѓа сојузниците во НАТО.

„Ако не беа англичаните, Американците ќе зборуваа француски“

 

@independentWatch King Charles’ standout jokes as he charmed the entire room, including Donald Trump, in his state banquet speech on Tuesday (28 April).

♬ original sound – Independent

На вечерата во негова чест, хуморот на Чарлс стана уште подиректен. Британскиот монарх му возврати на Трамп за неговата стара теза дека Европа без Америка ќе зборувала германски: „Ако не бевме ние, вие ќе зборувавте француски“. Тоа беше историска шега за британско-француското ривалство во Северна Америка, но и елегантен одговор на американската самоувереност.

Имаше и шега со Белата куќа. Кралот ги спомена „приспособувањата“ на Источното крило, па додаде дека Британците веќе имале свој обид за „редевелопмент“ на Белата куќа во 1814 година — алузија на британското палење на Вашингтон.

„Трамп има големи планови за Месечината, но таа веќе е дел од Комонвелтот“

Подарокот беше посебна дипломатска минијатура. Чарлс му подари на Трамп оригинално ѕвоно од британската подморница HMS Trump од Втората светска војна. Потоа ја сервираше поентата: „Ако некогаш треба да стапите во контакт со нас… само заѕвонете“.

Дури и Месечината стана дел од британскиот хумор. Кралот рече дека знае оти Трамп има „големи планови за Месечината“, но дека ги проверил документите и се сомнева дека таа „веќе е дел од Комонвелтот“.

Кралот не го заборави и фудбалот

Фудбалот исто така не помина без боцкање. Во пресрет на Светското првенство, Чарлс рече: „Ние оваа игра ја нарекуваме фудбал, господине претседателе“, додавајќи дека како шеф на држави што ќе настапат на турнирот ќе ги следи натпреварите „со поволни шанси“.

На крајот, Чарлс ја врати свеченоста со Шекспир и повик за мир. Цитатот од „Хенри Петти“ ја затвори вечерта со порака дека старата англо-американска приказна — од војна, преку помирување, до сојуз — треба да продолжи како проект на мир, не на самодоволност.

Лекција со насмевка

Затоа настапот беше повеќе од церемонија. Кралот не го нападна Трамп директно, но му испрати неколку јасни пораки: почитувајте ги сојузниците, не ја потценувајте Европа, не ја заборавајте Украина, не ја релативизирајте демократијата и не ја заменувајте историјата со политички слогани.

Во тоа беше силата на говорот. Чарлс не држеше лекција со подигнат прст, туку со насмевка. Го употреби минатото како огледало за сегашноста — а хуморот како најбезболен начин да се каже нешто што во Вашингтон сите го разбраа.

Освен, можеби, Трамп…

Поврзани содржини