БЕЗ ОРУЖЈЕ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВОЕНАТА ПАРАДА ВО МОСКВА Како причина е наведена оперативната ситуација со војната против Украина
Руското министерство за одбрана соопшти дека во парадата ќе учествуваат припадници на високи воени училишта и на различни родови на руските вооружени сили, а некои образовни институции нема да бидат вклучени.
Без покажување на руското оружје годинава ќе се одржи воената парада на 9 мај на Црвениот плоштад во Москва, поради оперативната ситуација поврзана со воените активности против Украина.
Секоја година на 9 мај Русија со голема воена парада ја одбележува годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Руското министерство за одбрана соопшти дека во парадата ќе учествуваат припадници на високи воени училишта и на различни родови на руските вооружени сили, а некои образовни институции нема да бидат вклучени.
„Оваа година нема да има воена техника на парадата“, соопшти министерството.
Министерството посочи и дека ќе биде прикажана и улогата на војската во специјалната воена операција, како што Русија ја нарекува војната во Украина.
На парадата ќе учествуваат и стратешките ракетни сили, воздушно-космичките сили и екипажи на воено-поморската флота, а воени авиони ќе изведат прелети и ќе ги прикажат боите на руското знаме.
Повеќе од 4 години по почетокот на војната, руските сили продолжуваат со бавно напредување на истокот на Украина, а мировните преговори со посредство на САД се во застој.