ПОВЕЌЕ ОД 800 КОМПАНИИ СЕ ВКЛУЧЕНИ ВО ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Учениците и фирмите најдоа заеднички јазик преку овој модел

53

Министерството за образование и наука засилено ги спроведува реформите во образованието. Согласно Реформската агенда, до декември 2026 година имаме обврска да стигнеме до бројка од 700 компании вклучени во дуалното образование. Веќе сега таа бројка е надмината и над 800 компании се вклучени во стекнување практично знаење на учениците директно кај работодавач. И, оваа бројка дополнително ќе расте, затоа што компаниите го гледаат бенефитот од учеството во квалитетното образување кадри според свои потреби, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Како што истакна таа во обраќањето по повод доделувањето на грантот од 500.000 евра за УГД – Штип, училиштето „Кочо Рацин“ од Свети Николе и три компании, и учениците ја препознаваат предноста да влезат на пазарот на труд или во високото образование подготвени не само со теоретско, туку и со практично знаење од конкретни работни места.

– Затоа и бројот на ученици во дуалните паралелки во средните стручни училишта, од година во година е сѐ поголем. Во стручно образование се запишани 66 отсто од средношколците. Од нив, околу 30 проценти се запишани во дуално образование. Јасен е интересот на компаниите за раст на овие бројки – ним им се потребни квалификувани работници, кои знаат да ракуваат со опрема и ја познаваат технологијата. Тоа, меѓу другите предности, значи и намалување на трошоците за обука по вработувањето. Дополнително, дуалното образование го издигнуваме и на ниво на високото образование. Со новиот Закон за високото образование, што наскоро ќе биде пред пратениците, се дава можност практичната настава во задолжителните наставни предмети, за подрачјата каде што е тоа применливо, да се изведува како дуално образование под менторство на стручни лица од реалниот сектор и ментор од соодветната студиска програма на универзитетот. Оваа измена е согласна со европското разбирање на стручното образование не само како одговор на недостигот на вештини на пазарот на трудот и несовпаѓањето на вештините, туку и како двигател на социјалната инклузија, дигиталната трансформација, територијалната кохезија и долгорочната општествена отпорност – истакна министерката.

Таа изрази задоволство што образованието и бизнис заедницата продолжуваат да создаваат можности за младите и да градат конкурентен човечки капитал.

– Со поддршка од нашите меѓународни партнери: Германската и Швајцарската влада, преку Регионалниот фонд за предизвици, Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе, заедно со шест претпријатија, добиваат грант од речиси 500.000 евра за реализација на проектот „Паметна обука во преработката на производи од млеко и месо“. Ќе се изгради и опреми современ Центар за обука за преработка на млеко и месо, ќе се изработат наставна програма и материјали за учење, со што ќе бидат поддржани две квалификации: млекопреработувач и преработувач на месо и месни производи. Во Македонија, со гордост говориме за успешноста на моделот на дуално образование, во рамки на средното стручно образование. Во овој грант се препознаваат сите негови добри практики: можноста за партнерство меѓу средни училишта и факултетите, активната улога на компаниите, вклученост на стопанските комори, практичната обука на учениците со ментори, како и соработка со меѓународни партнери. Заедничка цел е директно решавање на структурните предизвици на пазарот на труд, како што се младинската невработеност и недостигот на вештини, како и зголемување на конкурентноста на локалните компании – подвлече Јаневска.

На настанот присуствуваа и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, германската амбасадорка, Петра Дрекслер, заменик амбасадорот на Швајцарија, Михал Харари, директорот на Германската развојна банка за Македонија и Косово, Мориц Реме, како и проектниот координатор на Регионалниот фонд на предизвици, Балша Чулафиќ.

Регионалниот фонд за предизвици е финансиска институција која има за цел зголемување на конкурентноста на претпријатијата во Западен Балкан преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за проекти за дуално и стручно образование изработени во партнерство на установи за стручно образование и претпријатија. Грантовите се доделуваат по пат на конкурентен регионален предизвик.

Германското сојузно министерство за економска соработка и развој додели 73,4 милиони евра на РЦФ, а швајцарската влада застапувана од страна на Швајцарската агенција за соработка и развој (SDC) кофинансираше дополнителни 10 милиони евра. Средствата беа доделени на kfW Развојната банка, а реализирани од страна на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 (ЗБ6–КИФ), како заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот. Фондот е имплементиран од страна на консталтинг конзорциуми.

По четири отворени повици, Регионалниот фонд за предизвици се обврзува да поддржи вкупно 17 проекти со 91 партнер претпријатие во Северна Македонија во износ од 7,63 милиони евра. На четвртиот повик за предлог проекти, пристигнаа 187 изјави на интерес од земјите на Западен Балкан, од кои 14 беа од Северна Македонија. Комисијата за избор одлучи да финансира еден најуспешен проект од Северна Македонија со вкупен износ од 495,350 евра.

Поврзани содржини