НОВИ ЕУ ПРАВИЛА ЗА ТУРИСТИЧКИТЕ АРАНЖМАНИ Поголема заштита на патниците и побрзо враќање на парите

Една од клучните иновации се однесува на тоа кога повеќе услуги како што се превоз, сместување или изнајмување возила се сметаат за еден аранжман.

63

Европскиот парламент усвои нови правила за пакет аранжмани кои носат поголема заштита за патниците, појасни рокови за враќање на средства и построги обврски за туристичките агенции.

Новите правила, усвоени од Европскиот парламент, попрецизно дефинираат што се смета за пакет аранжман, воведуваат појасни правила за ваучери и ги прошируваат правата на патниците кога станува збор за откажување на патување.

Една од клучните иновации се однесува на тоа кога повеќе услуги како што се превоз, сместување или изнајмување возила се сметаат за еден аранжман.

На пример, ако за време на онлајн купување податоците за патникот се префрлат од еден трговец на друг, а резервациите се завршат во рок од 24 часа, таков пакет ќе се смета за еден аранжман, давајќи им на патниците повисоко ниво на заштита.

Посебно внимание е посветено на ваучерите, кои масовно се користеа за време на пандемијата.

Според новите правила, патниците имаат право да го одбијат ваучерот и да побараат враќање на средствата во рок од 14 дена. Ваучерите ќе важат максимум 12 месеци, по што неискористениот износ мора да се врати. Компаниите повеќе нема да можат да го ограничат изборот на услуги за корисниците на ваучери.

Проширено е и правото на бесплатно откажување на патувањето. Досега ова беше можно само во случај на вонредни околности на дестинацијата, а сега ќе се применува и за ситуации на местото на поаѓање или настани што можат значително да влијаат на патувањето.

Новите правила воведуваат и појасни обврски за туристичките организатори. Тие ќе мора да одговорат на жалбите на патниците во рок од 60 дена, со обврска да го потврдат приемот на жалбата во рок од седум дена. Во случај на банкрот на агенцијата, враќањето на парите од гаранцијата ќе мора да се изврши во рок од шест месеци, или девет месеци во посложени случаи.

Последниот збор за овие правила треба да го даде Советот на ЕУ, по што тие ќе стапат во сила. Земјите-членки ќе имаат 28 месеци да ги вклучат во своето законодавство.

Поврзани содржини