ТРАМП САКА ДА ПОСТИГНЕ ГОЛЕМ ДОГОВОР СО ИРАН Вашингтон му нуди економски просперитет, енергетски договор и финансиски отстапки

Ние ќе им обезбедиме економски просперитет и ќе го поканиме иранскиот народ во светската економија на начин на кој не биле вклучени во целиот мој живот, вели американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.

413

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да склучи „голем договор“ со Иран, а САД размислуваат да понудат стимулации во замена за мир, вели потпретседателот Џеј Ди Венс. Според него, до Техеран е испратена порака дека ќе напредува ако се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма, со индикации дека голем број финансиски отстапки би можеле да бидат на маса, пишува Телеграф.

Понуда за „голем договор“

– Трамп не сака мал договор, тој сака голем договор. Ние ќе им обезбедиме економски просперитет и ќе го поканиме иранскиот народ во светската економија на начин на кој не биле вклучени во целиот мој живот – рече Венс на настанот Turning Point USA во Џорџија.

Како што дознава Телеграф, Белата куќа е подготвена да му понуди на Техеран економски стимулации, вклучително и ублажување на санкциите, ако се согласи со условите на САД. Тие услови вклучуваат запирање на целото збогатување на ураниум и прекин на финансирањето на посредничките воени групи како што се Хамас, Хезболах и Хутите.

Други стимулации би можеле да вклучуваат обезбедување на материјали што се потребни за цивилна нуклеарна програма или енергетски договор сличен на оној постигнат со Венецуела. Уште во февруари, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои го предводеа преговарачкиот тим на Трамп, му понудија на Техеран доживотна залиха од бесплатен ураниум, под услов да се користи исклучиво за цивилни цели. Иран тогаш ја отфрли понудата.

Можно е да продолжи примирјето

По објавувањето на двонеделно примирје на 7 април, Трамп рече дека ќе разговара за ублажување на санкциите како дел од договорот со Техеран.

– Разговараме и ќе разговараме за ублажување на тарифите и санкциите врз Иран – рече тој.

Во вторникот Трамп додаде дека мировните преговори би можеле да продолжат „во следните два дена“.

Американската поморска блокада на Ормускиот Теснец го затегна кревкото примирје, поттикнувајќи шпекулации дека може да биде продолжено. Но, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ги отфрли таквите медиумски извештаи како неточни.

– Повторно видов некои извештаи, лоши извештаи, дека формално сме побарале да продолжи прекинот на огнот. Тоа не е вистина во овој момент. Ние остануваме многу ангажирани во овие преговори, во овие разговори. Исто така, видов извештаи за можноста за директни средби. Повторно, овие разговори се водат, но ништо не е официјално додека не чуете од нас тука во Белата куќа. Сепак, ние сме оптимисти во врска со изгледите за постигнување договор – рече Ливит.

Постигнат е напредок

Ирански функционер, пак, изјави дека Иран и САД постигнаа одреден напредок во разговорите пред двонеделното примирје што истекува на 22 април. Сепак, тој нагласи дека остануваат длабоки несогласувања, особено околу нуклеарните амбиции на Техеран.

Тој рече дека посетата на началникот на пакистанската армија Асим Мунир на Иран помогнала во ублажувањето на разликите меѓу Техеран и Вашингтон, зголемувајќи ја можноста за продолжување на примирјето и за продолжување на разговорите.

Главната точка на спор е прашањето за збогатување на ураниум. САД бараат Иран да се обврзе да не ги збогатува своите залихи во следните 20 години. Од друга страна, Техеран инсистира на правото на збогатување, барем до одредено ниво, а за возврат нуди петгодишен мораториум на процесот.

Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за цивилни цели, и покрај тврдењата на Трамп дека Техеран всушност сака да произведе нуклеарно оружје.

Поврзани содржини