ЗАВРШУВА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА Од прогнозата зависи дали ќе има топли радијатори до крајот на април
Дали на 16 април скопјани ќе имаат парно ќе можат да се информираат на веб-страницата на ЕСМ снабдување каде што велат од ЕСМ, секојдневно ќе се објавува информација за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
За 65.000 домаќинства во Скопје утре завршува грејната сезона. Дали нивните радијатори ќе топлат уште половина месец односно до 30 април колку што дозволува законот ќе зависи од временските услови, велат од ЕСМ.
Од ЕСМ потсетуваат дека официјалниот период за испорака на топлинска енергија завршува на 15 април, но согласно регулативата, постои можност грејната сезона да биде продолжена најдоцна до 30 април, во зависност од временските услови.
– Конечната одлука за евентуално продолжување на снабдувањето со топлинска енергија ја носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на дневно ниво, и тоа врз основа на прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден која доколку е еднаква или помала од 12°C според податоците од УХМР, ќе се врши испорака на топлинска енергија. ЕСМ и друштвата основани за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во целост ќе ги следат овие одлуки за што навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени во режимот на испорака согласно најавеното променливо време – велат од ЕСМ.
Дали на 16 април скопјани ќе имаат парно, според ова ќе зависи од прогнозата на УХМР на среднодневната температура за тој ден која ја испраќа до Регулаторната комисија за енергетика, а која потоа ја препраќа до ЕСМ снабдување со топлина.
Сепак, дали ќе имаат топли радијатори и во деновите до крајот на месецов скопјани ќе треба дневно да се информираат од веб-страницата на ЕСМ снабдување каде што секојдневно ќе се објавува информација за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
Новата цена на парното Регулаторната комисија за енергетика ќе ја формира на 31 јули.
Од ЕСМ велат дека навреме ќе ги поднесат документите кај регулаторот, но додаваат дека цената зависи од прогнозираната цена на гасот на берзите, како и од контролата на компаниите кои произведуваат, дистрибуираат снабдуваат топлинска енергија и нивните трошоци во 2025 година.
– Носителите на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија, поднесуваат Барање за одобрување на регулиран максимален приход и цена на топлинска енергија на 31 мај, а РКЕ на РСМ носи одлука до 31 јули. Дали ќе има покачување на цената на топлинската енергија зависи од РКЕ на РСМ, но тоа е директно поврзано со фјучерсите, односно од прогнозираната цена на гасот на берзите, како и од контролата на трошоците за 2025 година – велат од ЕСМ.
Сепак, уверуваат оттаму, со оглед на фактот дека поради кризата на Блискиот Исток, цената на гасот драстично порасна, ќе ја следат состојбата на пазарот за новите набавки на гас за непречено одвивање на следната грејна сезона.
– Ние ќе ја следиме состојбата на цените на горивата на пазарот и кога ќе оцениме дека е најповолна, ќе објавиме јавен повик за набавка на природен гас – велат од ЕСМ.
Законски грејната сезона во Скопје почнува на 15 октомври и завршува на 15 април следната година. Законот меѓутоа предвидува услови во кои сезоната може да почне пред официјалниот датум и да заврши по официјалниот крај.
Сезоната може да почне на 1 октомври и да трае до 30 април следната година, а услов за тоа е прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден да биде помала или еднаква на 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија.
Со парно се греат околу 66.000 активни потрошувачи, од кои 65.000 домаќинства и повеќе од 1.000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и градинки.