На комшијата козата…

И дали се баш сигурни дека евентуалното враќање на Груевски во државава – кого де факто тие го пуштија да избега – толку им одговара? Зашто тој (ќе) има многу нешта јавно да открие, па и за тоа „бегство“!?    

1,067

Настрана фактот што кај нас со политика – поточно: политикантство – се занимаваат лекари, архитекти, пазарџии и препродавачи, криминалци и полицајци, бербери и циркузанти и секакви други професионални шарлатани, туку уште поголем проблем е што тоа е страотна збирштина од луѓе без интегритет, култура и основно домашно воспитување, што потоа силеџиски го наметнуваат во општествениот простор како доблест а не како простотилак односно срамотна мана. Сето тоа ние можеме да го припишуваме на тоталниот крах на вредносниот систем кај нас по 1991 година и апсолутната провинцијализација на јавниот дискурс, но забораваме дека нашето доброволно учество во истиот со таквите луѓе е само уште еден придонес кон деградацијата на македонското општество и политиката како негов (делумен) репрезент.

Без намера да заземам каква и да е политичка страна во изборниот пораз на Орбан во Унгарија – зашто ама баш ништо лично не ми зависи од него или неговиот противник ниту пак имам некакви симпатии за нив! – славјето кај нас во одредени политикантски структури е само уште еден пример за спомнатата непринципиелност, некултура и простотилак. Па и налудничава опсесија со другиот. Човек ќе се запраша: зарем дотаму стаса омразата не само кон политичкиот противник туку и кон сопствената земја во целина?






Зашто, без оглед кој е и што прави/правел Орбан во Унгарија, тој беше односно можеше да биде речиси единствениот столб на поддршката на ставовите на Македонија во нејзиниот интегративен процес, наспроти бугарското и еу (малите букви се…) непринципиелно лудило. И сега локалниве секташки слепци го слават падот на Орбан небаре нивен успех и/или наша иднина? Не се гледаат себеси – голи и боси – туку ракоплескаат на поразот на една потенцијална македонска опција! Слават сѐ што оди контра македонските интереси, го слават и добитникот на изборите во Унгарија кој не е ништо друго туку само помлад јуноша-Орбан, произлезен од неговата партиски пазуви и систем на вредности! Што ќе им донесе тој, ги знаат ли неговите ставови за македонските евроинтеграции и „спорот“ со Бугарија… или кај нив функционира само она традиционално „на комшијата козата“?

Раководени од опсесивната омраза „прогресивциве“ не се тревожат што „комшијата“ во случајов е само актуелната власт и никој друг, којашто имаше каков-таков сојузник во еу-политиките на Орбан и некаква надеж за барем глас поддршка во она безобразно арогантно и бескрајно глупаво еу „семејство“. Дали тоа ќе рече дека тие би ракоплескале за поразот на секој кој искажува дури и минимални симпатии кон оваа власт и нејзините заложби за демократско, цивилизирано разрешување на македонскиот евроинтегративен процес? Друго толкување на овој огномет од радост во таборот на ретроградните прогресивци и врвот на таа секта не можам да видам! Уште помалку има логика во оние глупости на Битиќи дека некој овде го претставувал Орбановиот „модел на владеење (…) како алтернатива на Европската Унија“. Ако воопшто и постоело такво нешто, тогаш тоа било во времето на неговиот патрон од Муртино!

Дека ваквата радост на овие луѓе е резултат само на опсесивна злоба, чисто лицемерие и ужасна омраза стои и фактот дека тие изгледа заборавиле дека се претставуваат како лева односно социјалдемократска партија, а љубимиот им Маѓар е строга десница. Ама тие сепак (ќе) го слават?! И дали се баш сигурни дека евентуалното враќање на Груевски во државава – кого де факто тие го пуштија да избега – толку им одговара? Зашто тој (ќе) има многу нешта јавно да открие, па и за тоа „бегство“!?

Впрочем, ако веќе спомнувам примери за нивниот однос кон некои судбински важни прашања за државата, зошто никој од тој табор не искажа ни збор симпатии или поддршка туку само целосен молк за „нонпејперот“ на Вајц во поглед на шизоидниот Протокол бр. 2, колку и да е задоцнет истиот? Или тие би сакале тоа валкано парче хартија и понатаму да се тркала низ македонскиот евроинтегративен процес?

А во пакет со сето ова малоумно славје влегува и она лицитирање кој е следниот, спомнувајќи го, на пример, дури и српскиот претседател. Што е тотална политичка и човечка нискост и некултура, прво заради фактот што сепак станува збор за претседател на соседна држава со којашто Македонија нема отворени прашања, и второ, што токму тој Вучиќ прв ѝ донираше на Македонија КОВИД вакцини во времето кога министер за здравство беше фрапантно неспособниот Филипче! Заборави ли дека во тоа негово министерување умре безмалку цел еден македонски град а Македонија беше еден од светските лидери по пандемиската смртност? И што де факто има Филипче со смената на власта во Србија, да речеме? Тој и таму ли ќе ги (п)оправа политиките? И каква е тоа простачко однесување со формирање листи за отстрел со високи претставници на власта од соседни држави?

Кои се бре и какви се овие „нови“ македонски политиканти од крилото на сектата, сосе шушумигана Жерновски и целиот провинциски ЦО кои одобруваат вакви сељачизми во јавната комуникација?

Воопшто не е за фалба фактот што и дел од сличната некултурна политикантска европска и светска „елита“ на истиот начин отпоздравува на смената на власта во Унгарија. А поголемиот дел од нив, особено „госпожата“ фон дер Лајен, кловнон Макрон и блеферон Мерц, кои всушност припаѓаат на истата десна опција како и Орбан (како впрочем и Маѓар, што е смешен нонсенс!), но не умееја да се справат со неговиот здрав резон за примат на сопствената држава пред (квази)интересите на унијата (малите букви се…)! За чудо, кон сите вакви гласови се приклучил и еден Обама, човек со потенцијално голем ум но со екстремно слаб карактер и политичка безличност, навивајќи за еден десничар контра друг.

И повторно: кои се бре овие непринципиелни, сиромашни со дух и интелигенција селанчиња кои се гледаат себеси како врв на светската политика а со постапките се валкаат на нејзиното дно и зошто ние би имале доверба во нивната рационалност и способност? Сериозноста на политичкото дејствување не се потврдува со озборување и потценување на другиот туку со афирмативни политики, култура и компетентност. Заедно со домашно воспитување, се разбира. Инаку, добиваме само нови и нови „Трампчиња“ скриени во некаква поинаква обвивка!

П.С.

А, очигледно, според последните вести, за Маѓар ние допрва ќе слушаме, но и неговиве бедни поддржувачи во редовите на сектана што глуми политичка партија. Зашто, токму тие се најгласни и за актуелниот бран семејно насилство кај нас, а сопругата на Маѓар во тој контекст има многу што да каже. Да не почнат слепцине тогаш да се посипуваат со пепел…

Згора на тоа, веќе самиот Маѓар ги посипа со пепел со изјавата дека ќе ги зачува добрите односи со Македонија! Веќе во старт им го расипа денот. И славјето.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини