НЕ БРЗАМЕ, БАРАЊАТА СЕ НЕРАЗУМНИ, ВЕЛИ ИРАН По 21 час разговори, Ормуз пак создава јаз меѓу Вашингтон и Техеран

Преговорите меѓу САД и Иран во Исламабад завршија без резултат поради длабоки несогласувања околу нуклеарната програма и Ормускиот теснец. Двете страни најавија дека контактите ќе продолжат и дека ќе разменуваат предлози, но без јасен рок за нова средба.

1,035

 

Мировните преговори меѓу САД и Иран во главниот град на Пакистан пропаднаа по 21 час разговори, објавија двете страни преку разни соопштенија.






– Од самиот почеток беше јасно дека не треба да очекуваме да постигнеме договор во една рунда. Никој не го очекуваше тоа – изјави Есмаил Бакаи, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, опишувајќи ја атмосферата како сомнителна и полна со недоверба.
Портпаролот исто така изрази увереност дека „контактите со Пакистан, како и со другите наши пријатели во регионот, ќе продолжат“.

„Неразумни барања, го додале условот за Ормуз“

Потврдувајќи го крајот на разговорите, Иран го обвини нивниот неуспех за „неразумните барања“ од САД. Бакаи ја наведе „сложеноста на прашањата и условите на преговорите“.

– Додадени се нови теми за време на оваа рунда, вклучувајќи го Ормускиот Теснец и регионалните прашања, секое со свои специфични услови и размислувања – додаде тој.

Иран не брза да преговара, а ситуацијата во Ормускиот Теснец нема да се промени сè додека САД не се согласат на „разумен договор“, изјави „информиран извор“ за полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним, објави Ројтерс.

„Нема договор? Лоша вест за Иран“

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс информираше дека Вашингтон и Техеран не постигнале договор бидејќи, како што вели, бидејќи Иран не ги прифатил условите поставени од Вашингтон, вклучително и откажувањето од производство на нуклеарно оружје.

– Лошата вест е што не постигнавме договор и мислам дека тоа е многу полоша вест за Иран отколку за Соединетите Американски Држави –  изјави Венс.

Toj вели „се враќаме во САД без договор“.

– Кажавме многу јасно кои се нашите црвени линии. Тој додаде дека во текот на преговорите шестпати разговарал со претседателот Доналд Трамп.

Ормускиот Теснец, главен камен на сопнување?

Клучен спорен момент е контролата врз Ормускиот Теснец. Иран инсистира на контрола и воведување транзитни такси, додека САД бараат слободна и безбедна пловидба без такси. Вашингтон, исто така, бара Иран да предаде над 400 килограми високо збогатен уран, да ја прекине нуклеарната програма и да прифати ограничувања за балистичките ракети.

Техеран, пак, бара ослободување на замрзнатите средства, исплата на репарации за воените штети, укинување на сите санкции, гаранции за ненапаѓање и повлекување на американските сили од Блискиот Исток.

Кој ќе ги отстрани мините во Теснецот?

Паралелно со преговорите, американската војска соопшти дека „подготвува услови“ за почеток на операции за разминирање на Ормускиот Теснец. Според САД, два американски воени брода поминале низ Теснецот, додека иранските државни медиуми го демантираа тоа. Пред почетокот на разговорите, висок ирански извор тврдеше дека САД се согласиле да ги ослободат замрзнатите ирански средства во Катар, но американски претставник го демантираше тоа.

Агенциите Тасним и Фарс јавија дека токму спорот за теснината го спречил напредокот, при што иранската делегација инсистирала на „зачувување на воените постигнувања“.

САД и Иран не контактирале повеќе од деценија

Средбите во Исламабад беа први директни меѓу САД и Иран по повеќе од една деценија и највисоко ниво на контакти по Исламската револуција во 1979 година. Исходот од нив се смета за клучен за иднината на кревкото двонеделно примирје и за евентуалното отворање на Ормускиот Теснец – рута преку која минуваат околу 20 отсто од светските енергетски залихи и која Иран ја блокираше по почетокот на конфликтот. Војната доведе до нагло поскапување на нафтата и илјадници жртви.
Иранската влада, претходно, соопшти во објава на „Икс“ дека разговорите се завршени, а технички експерти од двете страни ќе разменуваат документи.
„Преговорите ќе продолжат и покрај некои преостанати разлики“, се наведува во соопштението, без да се прецизира кога ќе бидат обновени.

10 ТОЧКИ ШТО ГО ТРЕСАТ РЕГИОНОТ Иран ги откри условите за договор со САД

 

Поврзани содржини