БЕЗ СОПИРАЧКИ ВОЗЕЛ 85 ДЕЦА, 37 НАД ДОЗВОЛЕНОТО Во Скопје откриен преполн автобус со сериозни дефекти
Автобус со 85 патници, меѓу кои деца, бил запрен во Скопје, утврдени неисправни сопирачки и скршено ветробранско стакло.
Полицијата утрово запрела автобус полн со деца на булеварот Борис Трајковски во Скопје, откако било утврдено дека возилото е преполно и технички неисправно.
Контролата ја извршила мобилната единица на Министерство за внатрешни работи во 07:45 часот. Во автобусот, кој вршел организиран превоз на деца, биле затекнати 85 патници, иако според дозволата максимално смееле да се превезуваат 48. Тоа значи дека имало 37 деца повеќе од дозволеното.
Зад воланот бил 63-годишниот возач со иницијали Ј.Д. од Скопје. По контролата, возилото било испратено на вонреден технички преглед, каде стручни лица утврдиле сериозни дефекти. Сопирачките биле неисправни, а дополнително било констатирано и скршено ветробранско стакло, што ја намалувало видливоста.
Поради овие неправилности, санкционирани се правниот субјект, одговорното лице и возачот. Автобусот е исклучен од сообраќај додека не се отстранат недостатоците.
Од полицијата апелираат превозниците строго да ги почитуваат правилата, особено кога станува збор за превоз на деца, за да се избегнат сериозни последици.