НЕ САКАМЕ ДА БИДЕМЕ ВАЗАЛИ НА САД И НА КИНА Макрон повикува на коалиција против двете сили

Францускиот претседател повика на поширока коалиција на земји кои ќе создадат рамнотежа меѓу глобалните сили и ќе соработуваат во безбедноста, енергијата и технологијата.

584

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика сојузничките земји да ги здружат силите и да создадат рамнотежа во однос на САД и Кина.

Говорејќи пред студенти во Сеул, за време на азиската турнеја, Макрон нагласи дека Европа не сака да биде зависна од двете глобални сили.






– Нашата цел не е да бидеме вазали на двете хегемонистички сили. Не сакаме да зависиме од доминацијата на Кина, ниту да бидеме премногу изложени на непредвидливоста на САД – рече Макрон, пренесе „Bloomberg“.

Според него, европските земји имаат заедничка агенда со држави како Јапонија и Јужна Кореја во области како меѓународното право, демократијата, климатските промени и глобалното здравје.

Францускиот претседател посочи дека поширока коалиција би можела да ги вклучи и Австралија, Бразил, Канада и Индија.

– Заедно, оваа коалиција може да работи на вештачка интелигенција, вселена, енергија, нуклеарна енергија, одбрана и безбедност – истакна Макрон.

Ова не е првпат францускиот лидер да повикува на европска автономија. За време на посетата на Кина во 2023 година, тој предизвика реакции кај сојузниците кога изјави дека Европската унија не треба да биде вазал на САД.

Макрон често се повикува на традицијата на француската надворешна политика поврзана со Шарл де Гол, обидувајќи се да најде среден пат меѓу Вашингтон и Пекинг.

Неговите пораки доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги критикува сојузниците, особено Франција и Јужна Кореја, во контекст на кризата со Иран.

Поврзани содржини